Од МВР информираат дека објектите на училиштата се евакуирани и во тек се антитерористички проверки. Ова е трет ден по ред неделава откако пристигаат дојави за поставени експлозивни направи во училишта во Скопје, но и во други градови во земјава
Дојави за поставени експлозивни направи денеска пристигнале на електронските адреси на 18 училишта, од кои 16 во Скопје и две во Куманово, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Како што информираат оттаму, дојави пристигнале и на приватните електронските адреси на девет професори во истите училишта.
Објектите се евакуирани и во тек се антитерористички проверки.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“,
велат од Министерството за внатрешни работи.
Ова е трет ден по ред неделава откако пристигнуваат дојави за поставени бомби во училишта во земјава. Вчера вакви закани добија 16 скопски и четири прилепски училишта, а ден претходно, односно во вторникот, дојави за поставена бомба беа пристигнати на електронските адреси на 14 професори во едно средно училиште во Скопје.
По извршените проверки беше констатирано дека станува збор за лажни дојави во сите случаи.
Минатата недела дојави за бомби имаше три дена по ред во основни и во средни училишта во главниот град.