„Направени се сите потребни проверки во врска со денешната пријава дека на електронската адреса на едно училиште во Охрид е упатена закана за поставена експлозивна направа. Утврдено е дека станува збор за лажна пријава“, велат од МВР
Дојава за поставена бомба денеска по првпат стигна и на електронска адреса на училиште во Охрид.
Информацијата ја соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР) од каде што додаваат дека веднаш по добиената пријава вработените и учениците се безбедно евакуирани од објектот и се направени потребните антитерористички проверки.
„Направени се сите потребни проверки во врска со денешната пријава дека на електронската адреса на едно училиште во Охрид е упатена закана за поставена експлозивна направа. Утврдено е дека станува збор за лажна пријава“,
се наведува во соопштението на МВР.
Вчера, на мејловите на повеќе училишта во Скопје, Битола, Прилеп, Тетово и Струшко стигнаа дојави за поставени експлозивни направи. По направените проверки од МВР, се утврди оти сите дојави се лажни.
Актуелните случувања со лажните дојави за поставени бомби денеска ќе бидат дел од седницата на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР). Актуелниот шеф на АНБ, Зарко Милошевски, треба да реферира пред Комисијата за преземените активности на Агенцијата во врска со дојавите за поставени бомби во училиштата, трговските центри и други објекти.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера кажа дека при анализите на дојавите за бомби се покажало дека се можни три нивоа за нивните причини и тоа – геостратегиски, политички и авантуристички.