По добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот

Пет средни училишта во Скопје денеска на електронските адреси добиле закани дека во нивните објекти има поставено бомба.
Дојави за бомби стигнале до СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“, „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“ и АСУЦ „Боро Петрушевски“. Како што информираат од МВР, веднаш по добиените пријави се евакуирани учениците и вработените.
По добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, наведуваат од МВР.
Директорите на средните училишта, кои ги контактираше „360 степени“, велат дека сите ученици се на безбедно, екипите се на терен и детално ги проверуваат објектите.
„По добивањето на мејловите, мораше веднаш да постапиме и да пријавиме во МВР. Сите ученици се веднаш евакуирани. Од екипите ни беше укажано дека проверката ќе трае подолго време и затоа настава во втора смена нема да има“,
ни изјави Митко Димовски, директор на СУГС „Орце Николов“.