Одлуката за потпишување на договорот, Советот на ЕУ ја донесе на 13 октомври. Тој ќе биде изработен на 25 јазици, вклучително и на македонски
Во среда во Скопје ќе се потпише Договорот за ФРОНТЕКС помеѓу ЕУ и Северна Македонија, најави денеска еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон на прес-конференцијата по Министерската конференција во рамки на Прашкиот процес.
Јохансон ќе го потпише договорот со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Мора да го поддржиме Фронтекс во земјите партнери од Западен Балкан, каде веќе имаме 300 мажи и жени кои овозможуваат поддршка на границите на нашите партнери од Западен Балкан. Утре веќе очекуваме предлог за ново преговарање на постојниот договор, со што тој ќе може да се прошири и на границите помеѓу земјите на Западен Балкан, а во среда ќе одам во Скопје за со министерот Оливер Спасовски да го потпишеме Договорот за Фронтекс помеѓу ЕУ и Северна Македонија, што мислам дека ќе биде уште еден важен чекор напред“,
рече Јохансон.
Потпишувањето го најави и Спасовски, кој исто така учествува на Министерската конференција.
„Задоволство ми е да кажам дека во среда, со почитуваната еврокомесарка Јохансон ќе го потпишеме Договорот за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија. Со овој Договор ќе овозможиме подобра заштита на границите, брзо распоредување на персонал и опрема на Фронтекс или странски полициски службеници на критични точки на границите“,
вели Спасовски.
Според министерот, распоредувањето на силите на Фронтекс ќе уследи по повеќегодишната реализација на Заедничката операција на јужната граница на земјава, во рамки на која странски полициски службеници од повеќе европски земји и партнери заеднички работат на зачувување на границите и на безбедноста на македонските граѓани, а со тоа и зачувување на границите и безбедноста на државјаните на ЕУ.
Одлуката за потпишување на договорот, Советот на ЕУ ја донесе на 13 октомври. Тој ќе биде изработен на 25 јазици, вклучително и на македонски.