Интензивните борби во децениското жариште на Кавказ е договрено да запрат по реакциите на меѓународната заедница и нејзините стравувања од ширење на конфликтот, но и поради големиот број жртви во најновата ескалација на непријателствата. Двете страни, како што пренесуваат агенциите, се согласиле да одржат разговори на 21 септември во азербејџанскиот град Јевлах, околу 265 километри западно од Баку
Портпаролот на Европската комисија за новинарите денеска изјави дека Брисел се надева дека најавата за прекин на огнот во Нагорно-Карабах „ќе биде проследена и на терен“
Азербејџан и етничките Ерменци се согласија на итен прекин на огнот на вториот ден од борбите кои повторно избувнаа за територијата на Нагорно-Карабах, откако раковдството на енклавата во Азербејџан, со претежно ерменско население го прифати предлогот на руската мировна мисија и се согласи на разговори, јавуваат светските агенции.
Интензивните борби во децениското жариште на Кавказ е договрено да запрат, по реакциите на меѓународната заедница и нејзините стравувања од ширење на конфликтот, но и поради големиот број жртви во најновата ескалација на непријателствата.
Согласноста за прекин на борбите дојде неколку часа откако Баку сигнализираше дека има намера да продолжи со воените операции доколку етничките еременски сили не се предадат.
Етничкото ерменско раководство на територијата што ја нарекуваат Арцах, која е призната како дел од Азербејџан, но беше под ерменска контрола со децении, сè до крајот на 2020 година, соопшти дека го прифатила рускиот предлог, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Ерменското раковдство, исто така, го прифатило предлогот за преговори за интеграција на регионот во рамките на Азербејџан. Ова се толкува како горчлив лек за владата и јавноста во Ерменија, која борбата за контрола врз Нагорно-Карабах ја направи националистички камен-темелник по распадот на Советскиот Сојуз. Ова беше причина голем број Ерменци да излезат на протести во главниот град на земјата.
Двете страни, како што пренесуваат агенциите, се согласиле да одржат разговори на 21 септември во азербејџанскиот град Јевлах, околу 265 километри западно од Баку.
Претседателството на Азербејџан и Министерството за одбрана на земјата ја потврдија согласноста за прекин на огнот.
Кабинетот на претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, објави слична изјава во која најави средба на која „претставниците на ерменските жители на Карабах ќе разговараат за прашањата за реинтеграција врз основа на уставот и законите на Република Азербејџан“ на состанокот во Јевлах.
Станува збор за драматичен пресврт во брзата криза што го шокираше регионот, но и пошироката светска јавност.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан, кого националистите и другите критичари го обвинуваат за загубите во 2020 година, го нотираше прекинот на огнот, но ја дистанцира својата влада од условите поставени во него.
Последната ескалација на непријателствата, откако вчера Азербејџан соопшти дека почнал воена операција против ерменските сили, во кои загинаа десетици луѓе, ја мобилизираше меѓународната заедница.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен доцна вчера разговараше со лидерите на двете земји. Стејт департментот соопшти дека тој го повикал претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, веднаш да ги прекине воените операции во Нагорно-Карабах, кој е меѓународно признаен како азербејџанска територија, и да се врати на дијалогот.
„Блинкен истакна дека претседателот Алиев изразил подготвеност да ги запре воените дејствија и да се сретне со претставниците на Азербејџан и народот на Нагорно-Карабах“,
соопшти Стејт департментот.
На прекин на насилствата повика и официјална Москва, во, како што се коментира, еден од ретките изрази на согланост со Западот околу некое прашање.
„Поради брзата ескалација на вооружениот конфликт во Нагорно-Карабах, ги повикуваме страните во конфликтот веднаш да го прекинат крвопролевањето, да ги прекинат непријателствата и да избегнат цивилни жртви“,
соопштија од руското Министерство за надворешни работи, пренесе ТАСС.
Агенцијата денеска го цитираше руското Министерство за одбрана дека нејзините мировни сили евакуирале повеќе од 2 000 цивили од Нагорно-Карабах.
Инаку, министрите за надворешни работи на Ерменија и на Азербејџан се во Њујорк, каде што, според информациите, одржале состаноци со колеги и меѓународни претставници, вклучително и одвоени состаноци со заменикот на Блинкен за европски и евроазиски прашања, Јуриј Ким, кој пред неколку дена предупреди од воена ескалација во Нагорно-Карабах.
Сепак, останува нејасно дали ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан и азербејџанскиот министер за надворешни работи Џејхун Бајрамов планираат да се сретнат, лично или преку посредник.
Портпаролот на Европската комисија за новинарите денеска изјави дека Брисел се надева дека најавата за прекин на огнот во Нагорно-Карабах „ќе биде проследена и на терен“.
„Земјите членки, а исто така и меѓународните партнери се занимаваат со тоа многу интензивно. Очекуваме итен прекин на непријателствата, а очекуваме и Азербејџан да ги прекине сегашните воени активности “,
рече портпаролот, истакнувајќи дека високи дипломати го разгледуваат ова прашање во Брисел, додека лидерите исто така разговараа на оваа тема во Обединетите нации оваа недела.
Портпаролот истакна дека ЕУ „ја следи ситуацијата многу внимателно и дека нејзините земји членки ќе одлучат за „следните чекори во овој контекст додека гледаме како се одвиваат случувањата на теренот“.
Нагорно-Карабах и голем дел од околните територии се под ерменска контрола од крајот на сепаратистичката војна во 1994 година, но Азербејџан ги врати овие територии во шестнеделната војна во 2020 година, која заврши со прекин на огнот со посредство на Русија, а оттогаш таму се наоѓа и контингент руски мировници.
Азербејџан тврди дека по примирјето, Ерменија шверцува оружје во областа. Поради овие тврдења, блокиран е единствениот пат што го поврзува Нагорно-Карабах со Ерменија, што предизвика недостиг на храна и лекови во тој регион.
Ереван го обвинува Баку, кој ги негира обвинувањата, дека предизвикал хуманитарна криза во Нагорно-Карабах со блокирање на „Коридорот Лачин“ од крајот на 2022 година, а ја обвинува и Русија дека не прави ништо.