Соединетите Американски Држави воведоа санкции за Жељка Цвијановиќ, српската членка на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), премиерот на Република Српска (РС), Радован Вишковиќ, министерот за правда на РС, Милош Букејловиќ, и за претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ
Претседателот на Република Српска, ентитет во рамките на Федерацијата Босна и Херцеговина, на социјалната мрежа „Твитер“ го прокоментира ставањето на „црната листа“ на САД на четворица функционери на Република Српска. Тој наведе дека Соединетите Американски Држави не ги бирале функционерите на Република Српска, па затоа нема ни да ги менуваат, пренесува РТС.
„САД мислат дека на овој начин можат да го дисциплинираат секој што не размислува како нив. Санкциите ја покажуваат и немоќта на голема глобална сила како САД. Без разлика на сè, тие сакаат да ја санкционираат оваа нација бидејќи ние сме претставници на народот. Тие сакаат да нѐ сменат, да дојде некој што ќе молчи, ќе клима со глава и ќе одобрува. Не сме загрижени за овие санкции“,
ја пренесува српскиот национален сервис изјавата на Додик.
Соединетите Американски Држави воведоа санкции за Жељка Цвијановиќ, српската членка на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), премиерот на Република Српска (РС), Радован Вишковиќ, министерот за правда на РС, Милош Букејловиќ, и за претседателот на Народното собрание на РС, Ненад Стевандиќ.
Министерството за финансии на САД објави дека овие политичари се директно одговорни за поттикнување на донесување закон во Народното собрание на Република Српска (НСРС), со кој одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина се прогласуваат за неприменливи во РС, со што се попречува и загрозува спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор.
„Токму оваа акција ја загрозува стабилноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и тешко стекнатиот мир врз основа на Дејтонскиот мировен договор“,
се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на американското Министерство за финансии.
Претходно на листата на санкционирани беше ставен и претседателот на РС, Милорад Додик, кој е и предлагач на Законот за неизвршување на одлуките на Уставниот суд на БиХ пред НСРС и главен заговорник за неговото усвојување.
САД воведоа нови санкции против Додик на 5 јануари 2022 година. Претходно Вашингтон воведе санкции против Додик на 17 јули 2017 година поради попречување на Дејтонскиот мировен договор.