„Дисидентите“ од ДУИ се појавија денеска во собраниската сала, ама и тоа не помогна да се донесат закони за кои заврши општата расправа
По пауза од речиси еден месец, со исклучок на седницата за пратенички прашања, во собраниската сала денеска се „врати“ политичката дебата. Претходно, речиси целата пратеничка група на ДУИ се појави во парламентот, за да манифестира надминување на несогласувањата кои во изминатиот период го кочеа кворумот.
Денешната седница продолжи и по 20 часот, меѓу другото и поради протоколите за заштита од ковид-19, кои предвидуваат паузи на секои два часа расправа. Пратениците од мнозинството и од опозицијата разменија ставови за различни прашања. Сепак, ниту присуството на пратениците од ДУИ, ниту учеството на опозицијата во дискусијата не беа доволни за да се донесат предлог-закони за кои заврши општата расправа.
Отсуството на неколку пратеници од помалите партии од мнозинството, кои, како што се наведува, најавиле дека, од објективни причини нема да присуствуваат на седницата, на крајот не овозможи и кворум за гласање, затоа што во салата требаше да има најмалку 61 пратеник.
Во меѓувреме, генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски, во гостување на Телма, најави дека парламентарното мнозинство ќе расте и ќе продолжи да работи и во наредниот период. Тој вели дека се е во ред со мнозинството во Собранието.
„Се е нормално со парламентарното мнозинство и со коалициските партнери. Имаме 14 политички партии внатре во коалицијата во парламентот и 27 вкупно, меѓутоа сите цврсто стојат зад политичките определби, програмата и сето она што оваа Влада го спроведува“,.
истакна Николовски.
Претходно, лидерот на Беса Билал Касами најави дека двајца пратеници од опозициската коалиција од албанскиот блок ќе се приклучат кон мнозинството, односно кон неговата партија.
Собранието попладнево го заврши општиот претрес за предлог-законот за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, по скратена постапка, но гласањето остана за некое наредно продолжение на седницата.
Според предлагачите (група пратеници од мнозинството), Дополнувањето на законот е дел од антикризните мерки, односно, целта е да се обезбедат стабилни приходи и да се олесни работењето на општините во време на ковид-19 за 2021 година. Со него е предвидено приходите од данокот на додадена вредност, кои се распределуваат на општините за 2021 година, наместо да се обезбедат во висина од 4,5 проценти од просекот на наплатениот ДДВ во последната година, просекот да се пресмета од последните три години.
За опозицијата, зголемувањето на средствата за општините, е поради локалните избори кои треба да се одржат есенва, а за владејачкото мнозинство, помошта е неопходна поради материјалните штети што ги трпат општините од пандемијата.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Христова забележа дека измените кои се прават во законот, се само за 2021 година. Таа смета дека парите се наменети за нови вработувања пред локалните избори. .
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Бети Стаменковска Трајковска рече дека овој предлог-закон е за да се манипулира јавноста оти власта не може да набави вакцини и праша дали вратениот аванс од кинеските вакцини ќе биде пренаменет кон општините.
Жаклина Лазаревска од СДСМ реплицираше дека треба да им се помогне на единиците на локалната самоуправа.
„Вашата деструктивна политика ве доведува во ситуација да велите дека се грижите за граѓаните, а всушност вие кочите закони кои се од насушна потреба за нив. Граѓаните живеат во единиците на локалната самоуправа. Од овие средстава зависи колку успешно ќе се справат со кризата основното и средното образование кои се под локалната самоуправа, детската заштита и друго“,
рече Лазаревска.
За утре е закажана 34. пленарна седница на Собранието, што требаше да почне на 16 февруари, ама беше прекината поради немање кворум уште пред да биде усвоен дневниот ред.