Министерот за здравство најави инспекциски надзор во неколку фабрики и објекти во Велес, бидејќи смета дека станува збор за кластер на зараза, за Куманово, пак, најави можно олеснување на мерките
Денешната бројка од девет новозаразени од ковид-19 во Велес, со што бројката на заболени во овој град се искачи на 95, исто како и во Тетово (каде што денеска има два нови случаи) го вклучи алармот кај здравствените власти: Особено поради тоа што и на ниво на државата, по неколкудневен пад на коронавирусот, повторно е забележат пораст на дијагностицирани пациенти (33 во последното денононоќие).
Во текот на вчерашниот ден, пак, во Велес беше регистриран најголем број (5) нови случаи, од вкупно 13 во земјава.
Министерот за здравство Венко Филипче најави денеска инспекциски надзор во неколку фабрики и објекти во Велес, за каде што претходно и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски посочи дека е можно да биде ново жариште на коронавирусот во земјава.
„Во Велес бележиме раст на заразени. Сакам да информирам дека денеска и утре Центарот за јавно здравје и Државниот санитарен здравствен инспекторат ќе направат надзор во неколку фабрики, но и во други објекти каде што е детектирана потреба за инспекција, така што до утре попладне ќе имаме прецизен наод за што точно се работи, “
рече Филипче.
Министерот смета дека ова е резултат на некој кластер на заразата, а не на зголемениот број на тестирања за присуство на коронавирус. Мислам, рече, дека сме на добар пат да го идентификуваме тој кластер, поради што се на терен и Центарот за јавно здравје и ДЗСИ.
Велес влезе во денешната статистика за ковид-19 на Министерството за здравство и со уште еден смртен случај. Пациент на 70-годишна возраст, кој од 4 мај бил хоспитализиран на инфективното одделение во градската болница, а поради влошување на состојбата бил препратен во Скопје., починал на пат кон Инфективната клиника. Но Велес го нема во денешниот биланс за нови излекувани (22) од коронавирусот во земјава.

За разлика од новонастанатата ситуација во Велес, во Куманово, кое до скоро беше најголемо жарите на ковид-19 во земјава, денеска има шест оздравени пациенти и два нови случаи, како тренд на намалување што трае веќе неколку дена. Вкупната бројка на заболени во Куманово сега е 404, а 85 од случаите се активни.
„Ако нема нови дијагностицирани постепено ќе се олабавуваат мерките. Имавме одличен тренд изминатите две недели, со мал број заразени од вкупониот број направени тестови, нешто што е услов за олеснување на мерките. Но ќе почекаме уште неколку дена за да видиме дали ќе продолжи тој тренд“,
рече министерот Филипче одговарајќи на новинарско прашаање дали се размислува за ублажување на рестрикциите и за враќање на меѓуградскиот превоз во Куманово.
