Од СДСМ бараат оставки од министерот за здравство и од директорите на Клиниката за онкологија и Фондот за здравствено осигурување, како и формирање на кризен штаб за итно обезбедување на терапијата
Во врска со случајот, ВМРО-ДПМНЕ, пак, во Центарот за комуникации денеска одржа трибина, односно панел-дискусија на тема „Моќта на лековите, живот или профит“, на која говореа пратеници на партијата во Собранието, кои го повторија ставот дека за недостигот на лекови е виновна претходата власт, која оставила хаос на Клиниката
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ и денеска продолжија со меѓусебните препукувања и обвинувања за тоа кој е виновен за недостигот на биолошка терапија на Килиниката за радиологија и онкологија, кој настана пред десетина дена.

Додека за опозицијата проблемот лежи во неспособноста на актуелната власт за решавање на проблемот, од владејачката партија остануваат на ставот дека за недостигот е виновна претходната власт и нејзините блиски врски со одредени веледрогерии, кои се добавувачи на лековите.
„Неспособната власт со денови ги остави пациентите на Онкологија без лекови и соодветна терапија. И наместо да преземе одговорност, да формира штаб, веднаш да го реши проблемот, од власта слушаме несериозни изговори и оправдувања, за својата неспособност. Единствено што ги интересира е како да си ја спасат сопствената кожа, а не како да помогнат на пациентите на кои животот им е загрозен“,
изјави и денеска членката на Извршниот одбор на СДСМ, Белќиса Зекири.

Таа го повтори ставот на партијата со кој бараат оставки од директорот на Клиниката за онкологија, Игор Стојковски, директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски и од министерот за здравство Арбен Таравари.
Бараат и Владата да формира кризен штаб и „итно да ја обезбеди потребната терапија, а потоа да направи долгорочен план за обезбедување на оваа терапија“.
Во врска со случајот, ВМРО-ДПМНЕ, пак, во Центарот за комуникации денеска одржа трибина, односно панел-дискусија на тема „Моќта на лековите, живот или профит“, на која говореа пратеници на партијата во Собранието.
Пратеникот Петар Ристески на дискусијата, меѓу другото, кажа дека за време на претходната власт во Министерството за здравство свесно се правеле пропусти и се дозволило суспендирање на контролните механизми, односно, како што рече, воопшто не функционирал стручниот колегиум кој требало да врши планирање за набавка на лековите.
„Еден човек изигрувал Бог на клиниката и тој утврдувал кој ќе живее, а кој ќе умира. Јас во една прилика додека работевме во Комисијата кажав дека хаосот почнал од чуварот, па до министерот. Сите си нашле некој интерес каде што остварувале профити таму“,
рече Ристески.
На панелот се говореше и за случајот „Онкологија“, што беше откриен во 2023 година, а за кој Обвинителството отвори истрага пред една година поради злоупотреби со терапијата на оваа Клиника. За случајот беше формирана и Анкетна комисија во Собранието, што ја водеше тогашната и сегашна пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи.
Таа денеска на панел-дискусијата кажа дека Анкетната комисија го сработила своето поврзано со скандалот „Онкологија“, констатирајќи прекршување на над 60 членови од различни закони.
„Законот за јавни набавки до Законот за здравствена заштита, Законот за здравствено осигурување и итн. Што главно не доведе до предлог заклучоците, коишто на крајот никогаш не беа изгласани, меѓутоа како предлог заклучоци беа архивирани во Собранието и така понатаму проследени и до Обвинителството, во кое се именувани шест лица на раководни позиции во тој период коишто сметавме дека имаат политичка одговорност“,
рече пратеничката.

Мизрахи рече дека недостасувале известувања на самата Клиника за радиотерапија и онкологија, имало набавки на реверс преку коишто, како што наведе Клиника се довела во долгови до 12 милиони евра.
„Кога немате анализа, на крајот имате хаос, од којшто очигледно дека имало профити, коишто биле позначајни отколку животот и здравјето на граѓаните“,
рече таа.
Нејзиниот колега пратеник и сопартиец, Тони Јаревски во рамките на дискусијата рече дека се соочуваме со систем кој намерно бил уништуван поради профит.
Набавка на лекови на реверс повеќе нема, рече тој, и сега ќе се оди на транспаретна постапка.
„Со нова методологија, двојно се зголемени контролите во процесот како се дефинира набавката“,
рече Јаревски.
Директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски, во вчерашното гостување во „Тема на денот“ на ТВ Сител, исто така, рече дека нема да се купуваат лекови на реверс (позајмица вон договор) за Клиниката за онкологија и радиологија и со тоа да се билда профитот на веледрогеријата добавувач. Тој истакна дека важен приоритет е детално планирање на набавката на лекови, а ќе се користат и директни спогодби со производителите, а не со веледрогериите.
Во однос на ситуацијата во Клиниката за онкологија, каде што се појави недостиг на биолошка терапија, Клековски објасни дека од вкупно 5 000 пациенти, само мала група се со недостиг на специфична терапија, и дека се работи на отстранување на овој проблем. Тој објаснува дека ваквиот недостаток се должи на фактот дека немало добра пресметка за тоа колку и кои лекови се потребни и дека веледрогеријата ги уценува со набавките.
Како можни решенија за надминување на проблемот тој рече дека за одредени лекови ќе се бара донација, за некои ќе има анекс на постоечките договори, а за други ќе се прават директни договори со производителите, а не со веледрогериите.
Пациентите на Онкологија неделава алармираа дека на Клиниката од 17 јануари немаат шест лека од биолошката терапија, а стравуваат дека за брзо време може да снема уште три други.
Проблемот го потврдија и од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје, од каде што велат дека е резултат на административни процедури, кои се реализираат согласно буџетот за 2024 година.