Овој случај ги покажа сите слабости, почнувајќи од социјалните мрежи, личните комуникации на која било апликација, до институциите кои се премногу бавни во преземањето мерки за спречување вакви злоупотреби, а камоли за идентификација и казнување на сторителите
По една година, случајот „Јавна соба“ повторно предизвика вознемиреност и згрозеност во јавноста. Овој пат групата на апликацијата „Телеграм“ има над 6 000 члена, и нивниот број секојдневно се зголемува, а во неа, како и претходно, се споделуваат дискредитирачки фотографии и видеа од девојки, жени и малолетни девојчиња.
За разлика од претходно, кога беше потребно одобрување од администраторот, во оваа група сега се влегува слободно, а оние што биле дел од неа велат дека има околу 10 000 фотографии.
Од она што го откриваат жртвите, во разговорите меѓу членовите кои се крајно дегутатни, вознемирувачки и навредливи, се споделуваат и профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојките на фотографиите.
Алармот дека „Јавна соба“ повторно е активна го вклучи деновиве девојка која добила предупредување од пријател дека нејзината фотографија е објавена во оваа група. Девојката случајот го пријавила на полицијата чиј Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика, како што изјавија од МВР, презема соодветни мерки и активности во врска со случајот.
Што открива „Јавна соба“?
Случајот со „Јавна соба“, и тој од лани и овој сега, открива дека ништо што се споделува преку апликациите не е безбедно. Како овие фотографии дошле да се споделуваат во ваква група, никој не може да каже со сигурност. Некои велат дека фотографиите наводно ги имале блиски луѓе на жртвите кои од различни причини ги споделиле со некој друг, па потоа тие вирално се прошириле.
Јавна тајна е дека на некои социјални мрежи, во такви лични комуникации се споделуваат фотографии што е „сигурен начин“ за тие да завршат во вакви групи.
Кога лани се појави случајот, лицето што беше администратор на групата во земјава самиот се пријавил во полицијата, каде што кажал дека целта не групата не била размена на порнографски материјали, туку дружење. Но, потоа работите излегле од контрола. МВР тогаш најави дека ќе поднесе кривични пријави.
Одговорноста на институциите
Од МВР апелираат сите што се жртви на злоупотреби во групата „Јавна соба“ да се пријават во најблиската полициска станица, а Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика презема мерки за расчистување на случајот „Јавна соба“.
„МВР во координација со обвинителството презема соодветни мерки. Ќе продолжиме и со интензивните напори да се оствари и директна комуникација со платформата ‘Телеграм’, која досега демонстрира целосна затвореност за соработка со владите на државите од која било земја. Се разбира, ги користиме сите други активности што ни се на располагање за расчистување на овој случај“,
велат од МВР.
Но, една од жртвите денеска на социјалната мрежа Инстаграм изрази револт од односот што го добила од полицијата кога го пријавила својот случај – нејзина фотографија од социјална мрежа се нашла во групата каде што бил споделен и нејзиниот телефонски број, а голготата започнала кога стасале повиците со непристојни предлози.
Таа во нејзиното видео на Инстаграм вели дека од МВР добила одговор дека законот во вакви случаи ги штити малолетниците, но не и полнолетните лица.
„Беспомошно и бедно“,
ја опишува состојбата што ја чувствува по ваквиот одговор од полицијата.
Дополнително на ова е и тоа што веќе цела година случајот „Јавна соба“ од лани и натаму е во предистрага, односно според обвинителството се врши детална форензичка анализа на одземените мобилни телефони за да се обезбедат докази за евентуално кривично дело.
*Поврзани вести:
Бирото за јавна безбедност започна истрага за групата со малолетничка порнографија на Телеграм
МВР чека Телеграм да ја избрише групата со експлицитни фотографии од малолетнички
„Сметаме дека е скандалозен и недозволив односот на јавното обвинителство, од кое се очекува да го процесира случајот во насока на докажување вина и санкционирање на креаторите и учесниците во еден ваков сериозен облик на сексуално вознемирување девојки, од кои голем дел се и малолетни. Потсетуваме дека оној што ќе објави приватни видеа на интернет со порнографска содржина може да одговара за кривичното дело злоупотреба на лични податоци по член 149 од Кривичниот законик, за кој е предвидена парична казна или казна затвор до една година. Доколку на видеата има прикажано малолетник, сторителот што ја произвел детската порнографија со цел нејзина дистрибуција, или ја пренел или ја нудел преку компјутерски систем ќе одговара за производство и дистрибуција на детска порнографија, член 193-а став 3 од Кривичниот законик за кој е предвидена казна затвор од најмалку осум години“,
реагираа денеска од Платформата за родова еднаквост.
Што е „Телеграм“?
Зад „Телеграм“ стојат браќата Павел и Николај Дуров, едниот бизнисмен, а другиот програмер и првично е покрената во 2013 година во Русија, а потоа компанијата е префрлена во Германија.
Користењето е забрането во Кина и во Иран, а до јуни годинава беше и во Русија, кога забраната беше укината.
Својата популарност ја добива поради стриктната заштита на пораките кои се споделуваат, каде што има и опција за нивно самоуништување.
Според МВР, залудни биле контактите со компанијата, а барањата да ја запрат ваквата злоупотреба наишле на игнорирање.
Всушност, ова не е само во нашиот случај.
Пред неколку дена американските медиуми објавија дека Коалицијата за побезбедна мрежа поднела тужба за отстранување на „Телеграм“ од продавницата „Гугл плеј“ .
Нивните причини се дека таа била користена за организирање нередите и упадот на Капитол Хил на 6 јануари, а претходно и за ширење омраза во врска со убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кое го покрена движењето „И животите на црнците вредат“.