Информацијата денеска на својот фејсбук-профил ја потврдува и Војин Мијатовиќ кој објави и слика од својот брат

Ѓорѓе Мијатовиќ (37), брат на потпретседателот на владата на Федерацијата БиХ и министер за развој и претприемништво Војин Мијатовиќ, починал вчера во Белград откако бил претепан од двајца хулигани во детскиот парк во Вождовац, потврди министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ, пренесува „Н1“.
„Синоќа околу 18-19 часот полицијата добила повик дека имало тепачка, отишле на адресата во општина Вождовац, го пронашле повредениот со сопругата. Го однесоа во Ургентен и таму почина“,
изјавил Дачиќ за ТВ Блиц.
Како што пренесува Телеграф.рс, до инцидентот дошло кога синот на Мијатовиќ се пожалил дека на игралиштето двајца мажи му ја украле топката. Мијатовиќ, според изјавите на сопругата, отишол да ја земе топката, а по кратка дискусија младите го нападнале и го претепале.
Тој во тешка состојба бил примен во болница каде што им подлегнал на повредите.
Дачиќ нагласи дека се утврдува дали починал како последица на физичкиот напад.
„Обдукцијата ќе потврди, лекарите велат дека имал и некои епилептични напади“,
рече тој.
Информацијата денеска на својот фејсбук-профил ја потврдува и Војин Мијатовиќ кој објави и слика од својот брат.
„Патувај брате мој на некое поубаво место. Мојот помлад брат беше убиен вчера во Белград. Сè што би рекол сега нема смисла бидејќи тоа што се случи сигурно нема смисла. И ова, за жал, е составен дел од играта наречена живот. Добри луѓе, ви благодарам на сите што се јавивте, грижете се за себе и за луѓето околу вас“,
напиша Мијатовиќ во објавата.
Во соопштението од српското Министерство за внатрешни работи се вели дека полицијата интензивно работи на пронаоѓање на две засега непознати лица, кои се осомничени дека претепале четириесетгодишен маж, кој починал во Ургентниот центар.
„Веднаш по пријавата вчера во 18:20 часот дека две лица претепале 40-годишен маж во парк на Вождовац, припадниците на полицијата излегле на местото на настанот. Интензивно се работи на утврдување на сите факти и околности, како и на пронаоѓање на осомничените. Телото е пренесено во Институтот за судска медицина за обдукција“,
додаваат од српското Министерство за внатрешни работи.