Министерот Перински рече дека амбицијата и желбата да биде кандидат за градоначалник на Скопје на локалните избори му ја соопштил на претседателот на партијата
До крајот на мај или почетокот на јуни ќе бидат познати имињата за кандидатите за градоначалници на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски вели дека општинските комитети и коалициските партнери во рамки на, како што рече, внатрепартиска и демократска процедура добиле порака да се пријави секој што смета дека има амбиција, програма, визија и платформа за да води некоја од општините.
„Да се пријави секој што цени дека може да додаде вредност и ќе биде вклучен во мерењата. Тоа е еден партиски и коалициски механизам што ние го имаме, во мерењата помеѓу граѓаните, во средината во која поединецот има амбиција и, откако ќе ги сублимираме резултатите, тогаш ќе излеземе во јавноста со имиња“,
рече Мицкоски на денешната прес-конференцијата со министерот за локална самоуправа Златко Перински за вториот повик за финансирање проекти на општините.
Министерот Перински рече дека амбицијата и желбата да биде кандидат за градоначалник на Скопје на локалните избори му ја соопштил на претседателот на партијата.
Тој вели дека најважно е во рамки на органите на партијата на транспарентен и, како што рече, „кристално чист начин да се избере најсоодветното решение“.
„Извесно е дека тој ќе биде и победникот. Сметам дека можам да одговорам на предизвикот затоа што имам визија, имам план како Скопје конечно да стане европска метропола, но, секако, таа одлука ќе ја оставам на претседателот и на извршните тела на партијата. Јас сум убеден дека кој и да биде кандидатот, ќе биде едногласно поддржан од сите нас“,
додаде Перински.
Околу тоа дали ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори ќе ги поддржи кандидатите на коалицијата „Вреди“ премиерот Мицкоски рече дека нема конечна одлука, но оти во месеците до почетокот на кампањата ќе разговараат со коалициските партнери.
Според него, соработката што во централната власт ја имаат со „Вреди“ нормално е да се преслика и на локално ниво.
„Природно е Владата вака како што функционира, а функционира со исклучителна кохезија, да продолжи да функционира и во избори и надвор од изборни процеси. Нечесно е политика на двојни стандарди – да имате заедничка платформа и програма и така функционирате, а на локални избори да препознаете друга платформа или политика“,
додаде Мицкоски.
Инаку, министерот Перински и претходно ги искажа своите амбиции за потенцијален кандидат за градоначалничкото место во Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
За градоначалничката функција во Скопје и првиот човек од Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, рече дека е подготвен да го прифати предизвикот да го води градот. Сепак, Ѓорѓиевски вели дека тој предизвик би го прифатил само доколку за тоа одлучи партијата, но и граѓаните.