Утре на Влада ќе помине законот за финансиска поддршка кој очекувам следната недела да биде изгласан во Собранието, затоа што е од исклучително значење за граѓаните, вели Тренчевска

До крајот на годината очекувам да почне исплатата на новиот пакет антикризни мерки, вели министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Исплатата, како што вели таа, ќе почне откако законот за финансиска поддршка ќе помине на седница на Влада и во Собранието.
Според Тренчевска, на утрешната владина седница законот ќе се најде на владина седница по што следната недела се очекува да помине во Собрание.
„До крајот на декември треба да ја започнеме исплатата на новиот пакет антикризни мерки, односно и кај пензионерите и кај примателите на правата кои се опфатени со антикризните мерки, како и учениците. Утре на Влада ќе помине законот за финансиска поддршка којшто очекувам во Собранието следната недела да биде изгласан, затоа што е од исклучително значење за граѓаните“,
рече Тренчевска одговарајќи на новинарски прашања по денешното учество на тркалезната маса на која се зборуваше на тема „Улогата на институциите во борбата против семејното насилство“.
Во однос на поминувањето на законот за финансиска поддршка во Собранието, Тренчевска вели дека не очекува да има некакви опструкции од опозицијата.
„Штом се донесе законот, ќе бидат објавени начините како, кај дел од мерките, граѓаните да аплицираат. Кај мерките што ги реализира Министерството за труд и социјална политика нема аплицирање односно согласно последните исплати на правата и на пензиите ќе бидат исплатени средствата до граѓаните“,
рече Тренчевска.
Тренчевска е оптимист и во однос на можноста за намалување на платите на функционерите и покрај забелешката од премиерот дека е тоа комплексно да се постигне.
„Комплексно и тешко е, меѓутоа не е невозможно. И не се откажувам од тоа да до крајот на годината да се најде решение за намалување на платите на функционерите“,
рече Тренчевска.
Ученици, студенти, пензионери, земјоделци, компании ќе бидат опфатени со новиот деветти пакет антикризни мерки во висина од 662 милиони евра.
Со мерките се опфаќаат 120 илјади млади лица, над 74 илјади социјално ранливи категории на граѓани, над 187 илјади пензионери, 40 илјади земјоделци, речиси 540 илјади корисници на апликацијата „Мој ДДВ“, 600 илјади домаќинства, како и над 70 илјади компании. Мерките ќе почнат да важат од 1 декември и нивното времетраење е различно.