Викенд е време кога обврските му се подредени на фудбалот. Правило, кое иако непишано, со децении неприкосновено ги победува сите пишани закони во земјава. Некои дома пред телевизор, други во кафеана, трети со билтените во обложувалница … меѓу овие доминантни групи, се протнува една четврта која се’ уште и’ пркоси на лошата крвна слика на домашниот фудбал. Оние кои и понатаму плаќаат билет за од трибините да ја бодрат својата екипа. Но,како нивната борба да не е доволна, па своите екипи како домаќини во последно време мораат да ги бодрат од туѓи стадиони. “Комитите“ наместо на Арената “Филип Втори“ ги пречекуваат гостите во Ѓорче Петров, штипјани ни самите не знаат од кој фудбалски дом да ја бодрат Брегалница, навивачите на скопските екипи раштркани низ градските терени кои одвај да имаат понекоја трибина … со различна навивачка определба, но со иста мака – фудбалската инфраструктура.
На своја кожа ја чувствуваат и навивачите на Шкупи. Веќе неколку кола, наместо онаа покрај калливиот и несуреден стадион во Чаир, “Шверцерите“ ја полнат трибината на стадионот “Борис Трајковски“ во Маџари.
„Теренот ни е лош, се трудиме да го поправиме, разговарано е со ФФМ да се помогне – вели Омер Буњаку, потпретседател на ФК Шкупи.
Маџари не е дом за “Шверцерите“, но барем е на десетина минути од Чаир. Што тогаш да се каже за “Мајмуните“? До пред една недела, нивната Победа беше домаќин во 150 километри оддалеченото Турново. Во пресрет им излезе фудбалски ривалската Битола, па сега домашниот терен го делат со Пелистер.
На љубовта кон клубот, сепак некогаш и’ е тешко да ги скрие револтот и километрите …
Но, зошто прилепчани воопшто патуваат за да ги пречекаат своите фудбалски гости?
Стадионот во Прилеп на кој играла репрезентацијата на Македонија веќе не личи на стадион и е во очајна состојба.
Прилепските локални власти ги чека многу работа за “Гоце Делчев“ од скелет повторно да заличи на стадион. Од управата на ФК Победа велат дека предвидените близу 800.000 евра наменети за овој стадион, од ФФМ стигнале во општинската каса, но дека претходното општинско водство затаило во работата.
Овој стадион е еден од петте за чие реновирање Фудбалската федерација на Македонија во 2014-тата од УЕФА доби скоро 3 милиони евра. Покрај Прилеп, парите од УЕФА завршија и во градските каси на Скопје, Битола, Прилеп и Штип.
Куќата на фудбалот топката недвосмислено ја префрла во “шеснаесетникот“ на општините и клубовите. Трипартитниот договор подразбира Федерацијата да ги проследи парите до општините, а тие со клубовите да ги обноват и одржуваат стадионите. Ако се изземе Арената “Филип Втори“ која ги задоволува стандардите на УЕФА и на која непречено се игра фудбал, што е направено на останатите стадиони?
Битолскиот стадион кој сега ги вдомува и Пелистер и Победа и самиот не е во сјајна состојба. Екс-градоначалникот Владимир Талески безмалку 3 години најавуваше дека со донацијата од скоро 800.000 евра Битола ќе добие европски стадион за 12.000 гледачи, но сликата е сосема поинаква. Обврската стадионот да биде суреден, пред 3 месеци ја презеде новата локална власт.
Стопанисувањето на претходните власти е проблематично и за стадионот во Штип, со што е оневозможено Брегалница во живо да ја гледаат 5.000 луѓе. Градоначалникот Благој Бочварски пред десетина дена најави дека тука допрва претстои расчистување на документацијата, за “инјекцијата“ од исто така 800.000 евра да не пропадне.
Без конкретен датум за финиширање на работите се и во Тетово, фудбалски најфреквентниот стадион во државата. Сепак, се чини дека овие 800.000 евра најбрзо ќе го најдат патот до фудбалска инфраструктура со барем основни европски стандарди.
„Општина Тетово веќе има јавно приватно партнерство со предметната компанија ЛД СПОРТ во насока на плодна и ефективна соработка во управувањето со овие спортски објекти, но и во целокупниот фудбалски напредок во нашиот град. Длабоко сме убедени дека наскоро ќе биде завршена целата реконструкција на градскиот стадион, а ќе се пристапи и кон реализација на проектот за стариот стадион. Во тој правец Општина Тетово како партнер ќе ги обезбеди сите институционални капацитети за реализација на оваа заедничка цел“, велат од таму.
Лошата инфраструктура е само една од дијагнозите на мак-фудбалот. Но кој е тој што треба да спасува? Федерацијата, општините, клубовите, или сите? Овие стадиони дури и утре да бидат завршени, тоа само малку ќе ја поправи целокупната слика. На овој проблем во секој медиумски настап упатува и Ѓоре Јовановски – петкратен првак на Македонија како тренер и поранешен селектор.
Од организацијата “Обединети за фудбалот“ велат дека кога станува збор за стадионите и терените, најголемиот проблем е тоа што жаргонски кажано, “не се знае кој пие, а кој плаќа“.
Новинарот Горан Бошев, и самиот некогашен фудбалер, добар дел од новинарската кариера минал на стадионите и терените ширум земјава. Од неговите сведоштва се стекнува впечаток како да говори за век далеку од 21-от …
Сепак, се чини дека најгорливиот проблем се јавува дури откако Федерацијата и општините ќе го завршат својот дел.
Ако е ова сликата за прволигашите и екипите кои не’ претставуваат во Европа, тешко е и да се замисли со што се соочуваат оние во пониските лиги.
Од ФФМ тврдат дека се решени да истраат во предизвикот Македонија да има стадиони за гордеење, а размислуваат и како би била употребена некоја наредна донација. Но тоа барем засега, е Сезам чие отворање не е на повидок …
Уште едно коло е завршено, другото е веќе на повидок.
Едни се подготвуваат да патуваат на гостување, а други – да патуваат за да бидат домаќини..
Напишете коментар