Државната комисија за спречување корупција констатира дека именувањето в.д. директори се врши неколкупати по ред без да се распише конкурс и се врши разрешување или отповикување директори пред истекот на мандатот. Претседателката на комисијата Билјана Ивановска вели дека в.д. директорите се именуваат и без положен испит, а управните одбори не распишуваат конкурси и чекаат прво Владата да одлучи што треба тие да преземат, што, пак, доведува до отсуство на отчетност и транспарентност.
Констатиравме дека во отсуство на почитување на материјалните закони за избор на директори по пат на конкурс и фер конкуренција се применува начин на работа кој со години наназад има висок ризик од политичко влијание и клиентелизам на избраните лица со очекувања за избор на директор со редовен мандат, со што се загрозува функционирањето на институциите. За жал, ниту еден закон нема можност за санкционирање, а ДКСК нема надлежност за покренување иницијативи пред судовите. Ова доведува до разградување на системот на вредности и професионализмот и губење квалитетен кадар“,
изјави Ивановска.
Ивановска повика итно да се донесе законот за висока раководна служба, кој беше повлечен од собраниска процедура.
Со законот за висока раководна служба, кој беше доставен до Собранието минатата година, треба да се воведе посебна комисија која ќе ги селектира тројцата најдобри кандидати за директори на јавните институции, со дискреционо право на министерот да го избере директорот.