Како во Македонија се стигнува до раководна позиција во јавниот сектор? Праксата покажува – вршители на должност се именуваат без огласи, а за директорите, освен огласот, сите други информации се тајна.
„Тоа е навистина оскуден начин на избирање на раководни лица“,
вели Миша Поповиќ од Институт за демократија.
И надлежните државни органи го вклучија алармот дека се злоупотребуваат законските одредби.
„Увидовме дека честа појава е в.д. директорите да се именуваат неколку пати по 6 месеци, дури 7 пати по 6 месеци, тоа се 42 месеци. Ако земете во предвид дека мандатот му е 48 месеци, тоа фактички цел мандат го истерал како в.д. директор“,
вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
А, требаше да биде поинаку со законот за висока раководна служба. Но, решението најавувано како гаранција за избор на раководни кадри по професионални, а не по партиски заслуги, е повлечено од Собранието на доработка и нема информација кога ќе се врати назад.
Актуелната влада се формира во август 2020 година. Како што е „адетот“, по поделбата на министерските места, почнаа да се делат и директорските и другите раководни фотелји. Без најавениот, но недонесен закон за висока раководна служба, процесот почна на познат начин. Но, власта најави дека наскоро тоа ќе се прави низ отворена и транспарентна постапка, со што ќе ги избира вистинските луѓе на вистинските места.
„За директорите, функционерите кои Владата треба да ги именува првин, основно, елементарно ќе имаме конкурс, оглас ќе имаме барање да сите се научиме дека треба да поднесеме мотивациско писмо, стандардна биографија, ќе понудиме план за работа, за да може на крајот на мандатот, да имаме МЕРИТ-систем и што од тоа е сработено и каде сега таа институција, орган, агенција, фонд или што било, што е тоа што е подобрено и како одговорниот орган“,
изјави тогаш Љупчо Николовски.
Пет и пол месеци подоцна со значаен дел од институциите сѐ уште раководат вршители на должност. Онаму, пак, каде што се именувани раководители, власта не објаснува како ги избрала баш тие кадри.
Ваков тест на владините декларативни заложби спроведе Институтот за демократија „Социетас цивилис“ преку барања за слободен пристап до информации од јавен карактер. Прашањата до Владата биле:
Наместо документи, истражувачите на тинк-тенк организацијата добиле два вида одговора – за лицата именувани како в.д. директори Владата им вели дека не е спроведена постапка со објавување на оглас, а за редовно избраните директори им посочува дека решенијата за избор се објавени во „Службен весник“, а записниците од седниците на Влада ги има на нејзината интернет-страница.
Колку и какви информации има на посочените места, може да провери секој. На пример, кога Стојанче Ангелов е избран за в.д. директор на Центарот за управување со кризи, во „Службен весник“ е објавено само дека се разрешува од должноста национален координатор за воени и полициски ветерани и се именува за вршител на должност. На владината интернет-страница, пак, во записниците од 17-тата седница, се споделени истите информации. Со други зборови, пишува само кој и кога е избран, но не и како и зошто.
Миша Поповиќ од Институтот за демократија вели дека се наметнува и дилемата дали фактички имало фаза на селекција која вклучува повеќе кандидати.
„Од досегашните одговори, од Владата главно велат дека немаат никаква обврска да имаат некоја добро разработена постапка за именување на в.д. Тоа значи дека тоа што се обврзала Владата во октомври не го исполнила и именувала врз база на некаков, сите знаеме, коалициски договор или распределба на ресори. Особено загрижува што има случаи каде што не ни одговорија за фазите на постапката во случаи каде има оглас. Така што, дополнително тоа ќе го испитуваме. Сметаме дека е ситуација која укажува на проблематичен однос“,
вели Поповиќ.
Актуелните закони, според кои се именуваат вршители на должност, не дозволуваат привремените функционери да раководат со институцијата подолго од 6 месеци. Кога ќе се избере в.д., институцијата треба веднаш да распише оглас за избор на директор. Сепак, вели Поповиќ, дури и кога има оглас, најчесто вршителите на должност стануваат директори. Затоа, никој и не се пријавува на огласите за директори, дури и да е најстручен за позицијата.
„В.д. може да биде лице од самата институција, ако навистина ви треба еве одеднаш престанала раководната функција на некое лице поради смрт, оставка или не знам што и вам ви треба раководител уште од утре. Вие може да именувате некој од институцијата. Но, во моментот кога вие именувате некој од надвор тоа значи дека вие сте почнале некаков процес на селекција. Да видиме кои се тие правила што ве спречуваат наместо едно лице да интервјуирате две или три дополнителни лица. Не постои такво ограничување. Едноставно е прашање на политичка волја“,
смета Поповиќ.
А дали постои политичка волја?
Зошто Владата ги крие постапките за избор на раководните лица е само едно од прашањата на кои побаравме одговор од вицепремиерот за борба против корупцијата и прв човек на владината комисија за именување, Љупчо Николовски. Изминаа две недели од нашето прво барање, но на крај не најде време за да ни одговори.
Постапките за именување вршители на должност и раководни кадри ги следи и Државната комисија за спречување на корупцијата. Нивниот заклучок е дека именувањето в.д. директори се прави со цел да се избегнат конкурсите, а со тоа се остава простор за политичко влијание и намалување на професионализмот во институциите.
„Увидовме дека честа појава е в.д. директорите да се именуваат неколку пати по 6 месеци, дури 7 пати по 6 месеци, тоа се 42 месеци ако земете во предвид дека мандатот му 48 месеци тоа фактички цел мандат го истерал како в.д. директор. Многу често Управните одбори и не ги објавуваат конкурсите и чекаат Владата да го исфилтрира името и потоа тие веднаш само да го назначат. Се избегнува обврската која е дефинирана во материјалните закони. Таа обврска не треба да се избегнува и без разлика што не се објавува конкурс за в.д. директор тој ги има истите одговорности како да е директор, се е потполно исто само што се избегнува можноста за избор на човек преку фер конкуренција“,
смета Билјана Ивановска, претседателка на Антикорупциската комисија.
Не е проблем само именувањето туку и разрешувањето директори. Ивановска вели дека кога предвреме се прави рокада на раководен кадар, тоа често не е проследено со програма за работа и отчетност во вршењето на функцијата. Само во една третина на ваквите случаи биле испочитувани процедурите.
„Мислам дека ова треба да се надмине, затоа што на овој начин навистина се руши системот на вредности и се руши професионализмот. Ние укажавме на потребата на побрзо донесување на законот за висока раководна служба, се со цел да се постават прави луѓе на прави места, професионалци да ги раководат институциите, оти тоа е еден основен услов за успешно работење“,
посочува Ивановска.
А законот за раководна служба, во кој се полагаат толку многу надежи, долго време беше заглавен во собраниската Комисија за политички систем. Така беше до ноември, кога Министерството за информатичко општество го повлече на доработка, токму во период кога Владата назначи голем дел од вршители на должности и директори во институциите.
Со тогашното предлог-решение, директорите на институциите и државните секретари требаше да ги избира новоформирана Комисија за селекција на висока раководна служба. Членовите на таа Комисија, пак, требаше да се избираат од Собранието јавно, налик на изборот на Антикорупциска.
Што се доуредува во законот и кога ќе се врати во Собранието, прашавме кај надлежниот, министерот за информатичко општество Јетон Шаќири. Изминаа две недели од нашето прво барање, но на крај не најде време за да ни одговори.