Предлогот што го отвори по сопствена иницијатива – за прекршување на Законот за финансирање на политичките партии – Антикорупциска комисија го затвора и ќе го проследи до Министерството за правда и до Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој, согласно Законот за финансирање на политичките партии, е надлежен да го врши надзорот над финансиско-материјалното работење на политичките партии
Демократската унија за интеграција (ДУИ) го прекршила Законот за финансирање на политичките партии откако во 2022 година примила донации поголеми од законски дозволените, а вишокот пари наместо веднаш или 15 дена по приемот ги вратила во јули 2023 година, констатира Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
На денешната 92. седница, членот на ДКСК, Шемши Салаи, информира дека согласно извештаите на Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврденоно е дека физичко лице на ДУИ ѝ донирало повеќе од законски дозволените средства чиј износ е предвиден во членот 16 од Законот за финансирање на политичките партии.
„Од сознанијата што ги имавме, инициравме постапка за проверка на наводите и ја доставивме до политичката партија за да се произнесе во однос на истите. Од страна на политичката партија ни беше испратен годишниот извештај за донации. Беше доставена и одлука во која се наведува дека партијата одлучува да ги врати тие средства откако констатирала дека примила донација поголема од што требало согласно Законот. Во одлуката стои дека освен физичкото лице, тие констатирале дека и од два правни субјекта добиле поголем износ и одлучиле тие средства да ги вратат во текот на јули 2023 година“,
кажа на денешната седница членот на ДКСК. Шемши Салаи.
Салаи додаде дека антикорупционерите констатирале оти средствата чиј износ го надминува законски дозволениот, а кои ДУИ ги добила како донација, партијата ги вратила, но тоа не го сторила во законски предвидениот рок од 15 дена по приемот.
„Затоа, ние констатиравме прекршување на членот 16 од Законот за финансирање на политичките партии“,
рече Салаи.
Членот 16 од Законот за финансирање на политичките партии, врз основа на кој се повикуваат од Антикорупциската комисија, предвидува „вкупниот износ на поединечната донација не смее да ја надмине сумата од 60 просечни нето плати од правни лица и 30 просечни нето плати од физички лица во Републиката, исплатени во претходниот месец и објавени од Државниот завод за статистика“.
Предлогот што го отвори по сопствена иницијатива – за прекршување на Законот за финансирање на политичките партии – Антикорупциска комисија го затвора и ќе го проследи до Министерството за правда и до Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој, согласно Законот за финансирање на политичките партии, е надлежен да го врши надзорот над финансиско-материјалното работење на политичките партии.
„Доколку утврди неправилности, ДЗР поднесува барање за поведување на прекршочна постапка или пријава до надлежното Јавно обвинителство во рок од 30 дена од утврдувањето на неправилноста“,
објаснуваат од ДКСК.
Членовите на Антикорупциската комисија на денешната седница констатираа дека законот со кој се уредува финансирањето на политичките партии не предвидува институција што е задолжена за надзорот над партиите. Додадоа дека состојбите во однос на финансирањето на партиите се променети, посебно за време на изборите, а во таа насока нагласија дека промени се неопходни.
„Ние како ДКСК сме редовно во работната група која работи на измените во Изборниот законик, така што во оваа насока ќе ги земеме предвид препораките кои се доставени до РСМ во делот на финансирањето на политичките партии“,
заклучија антикорупционерите на денешната седница.
Во фокусот на јавноста изминатиов период е фирмата „Еуровиа“ која го доби тендерот на Министерството за надворешни работи (МНР), со кое раководи Бујар Османи од ДУИ, за изведување градежни работи за преадаптација на СЦ „Борис Трајковски“ каде што во декември годинава ќе се одржи министерскиот состанок на ОБСЕ.
Министерот Османи, пак, тврдеше дека од медиумите дознал оти фирмата „Еуровиа“ е донатор на ДУИ, но исто така рече и дека не бил среќен кога дознал дека истата фирма е прворангирана на тендерот за адаптација на спортскиот центар бидејќи, како што рече, ги очекувал бурните реакции во јавноста.