На прашањето кои се следните чекори кои ќе бидат преземени од нејзиниот кабинет и дали ќе ги побараат информациите од ДУИ, Грковска рече дека за нив е важно ДКСК како надлежна институција да го истражи случајот и да утврди каков ќе биде нивниот наод и додаде оти врз основа на наодот на ДКСК така и ќе се постапува понатаму
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да продолжи со истрагата за случајот со донациите во ДУИ и да побара одговорност за ненавремените контроли во случајот со задоцнетиот рок за враќање пари од донаторот „Еуровиа“, се очекувањата на вицепремиерката за политика за добро владеење Славица Грковска.
„Очекувам од ДКСК да продолжи и понатаму во насока на нејзините ингеренции и да утврди од кои причини еден месец пред тендерот, парите се вратени, кој треба да ја направи контролата и зошто не била направена, бидејќи има рок во законот кога треба да се вратат парите. Да се утврди, дали како што ДКСК најави, имало тргување со влијание, што е надлежност на ДКСК. Очекувам дека тоа ќе продолжи и во наредниов период, бидејќи овој дел е само тој финансиски момент каде сепак има прекршување и треба да има одговорност“,
рече Грковска во одговор на новинарско прашање да даде коментар во врска со финансирањето на политичката партија ДУИ и забелешките на Државната комисија за спречување на корупција.
На прашањето кои се следните чекори кои ќе бидат преземени од нејзиниот кабинет и дали ќе ги побараат информациите од ДУИ, Грковска рече дека за нив е важно ДКСК како надлежна институција да го истражи случајот и да утврди каков ќе биде нивниот наод и додаде оти врз основа на наодот на ДКСК така и ќе се постапува понатаму.
Државната комисија за спречување на корупција на 92. седница што се одржа во понеделникот констатираше дека Демократската унија за интеграција (ДУИ) го прекршила Законот за финансирање на политичките партии откако во 2022 година примила донации поголеми од законски дозволените, а вишокот пари наместо веднаш или 15 дена по приемот ги вратила во јули 2023 година.
Од ДКСК информираа дека согласно извештаите на Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдено е дека физичко лице на ДУИ ѝ донирало повеќе од законски дозволените средства чиј износ е предвиден во членот 16 од Законот за финансирање на политичките партии. На барање на ДКСК, ДУИ до нив го испратиле годишниот извештај за донации, како и одлука во која се наведува дека освен физичкото лице, тие констатирале дека и од два правни субјекта добиле поголем износ и одлучиле тие средства да ги вратат во текот на јули 2023 година.
Предлогот што го отвори по сопствена иницијатива – за прекршување на Законот за финансирање на политичките партии – Антикорупциска комисија го затвори и ќе го проследи до Министерството за правда и до Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој, согласно Законот за финансирање на политичките партии, е надлежен да го врши надзорот над финансиско-материјалното работење на политичките партии.
Фирмата „Еуровиа“, која го доби тендерот на Министерството за надворешни работи (МНР), со кое раководи Бујар Османи од ДУИ, за изведување градежни работи за преадаптација на СЦ „Борис Трајковски“ каде што во декември годинава ќе се одржи министерскиот состанок на ОБСЕ, изминатиот период е во фокусот на јавноста.
Министерот Османи, пак, тврдеше дека од медиумите дознал оти фирмата „Еуровиа“ е донатор на ДУИ, но исто така рече и дека не бил среќен кога дознал дека истата фирма е прворангирана на тендерот за адаптација на спортскиот центар бидејќи, како што рече, ги очекувал бурните реакции во јавноста.
Во јавноста се огласи и директорот на „Еуровиа“, Елмедин Адеми, кој во писмено соопштение, вели дека нема ништо незаконски во тендерската постапка за адаптацијата на салата „Борис Трајковски“ и додава дека нема да ја поттикне својата компанија да се повлече од јавните набавки оти, како што вели, носи морална и законска обврска да управува со компаниите на групацијата без да ја ризикува иднината на некој од своите 250 вработени.
Адеми во соопштението се осврнува и на објавите во медиумите оти „Еуровиа“ е донатор на ДУИ и вели дека неговата врска со ДУИ и донирањето што се нагласува кон партијата, како и вредноста на донацијата, се невистинити.