Археолошкиот локалитет Могила во Делчевско уништен од диви копачи. Копањето прв го забележал поранешниот жител на Косово Дабје, Крум Николовски кој вели дека при копањето веројатно се користени и машини со што уништувањето на локалитетот е огромно.
„Ова што е направено е практично уништување на локалитетот. Начинот на кој се истражува е друг, а начинот на кој се истражува за евентуално злато или вредни артефакти е овој пример. Со уништувањето сега е упропастено и дополнителното истражување оневозможено“,
вели Николовски.

За регистрираниот локалитет Могила меѓу мештаните познат како Магилка, кој се наоѓа под селото Косово Дабје во Шопско маало, Николовски додава дека професионални истражувања се вршени во 2001 година, но, поради немање доволно финансиски средства истражувањето е прекинато.

„Луѓето кои тогаш вршеа истражувања велеа дека најверојатно се работи за гробница на некој тогашен богат човек. Втората варијанта е дека местото било патоказ кој означувал каде се наоѓаат патиштата. Могилата инаку е во огромни размери, можеби сигурно има пречник 20 метри во основа и висината 7,8 метри“,
додаде Николовски кој го познава добро овој терен.
За уништувањето потврда даде и археологот Перица Синадиновски. Претходно, на истата локација биле забележани диви копачи, во близина на ранохристијанска црква која се наоѓа на 3 километри јужно од местото Могила.