Насобраните извикуваа „Секој еден може да е следен“, „Смрт за корупцијата“, „Сакаме правда“
Со слики во рацете од загинатите соученици, средношколците од средното медицинско училиште „Јане Сандански“ во Штип излегоа на протест. Од плоштадот и од пред општинската зграда во Штип побараа правда и казна за виновниците за пожарот во дискотеката „Пулс“ каде што загинаа 59 лица. Насобраните извикуваа „Секој еден може да е следен“, „Смрт за корупција“, „Сакаме правда“.

На транспарентите што ги носеа штипјани беа испишани пораките „Бидете ангели на небото, како што бевте и на земјата“, „Дискотека ‘Пулс’ го сопре пулсот на цел еден млад свет“, „Тагата е наша, вината е ваша“, „Убиство на младината е убиство на иднината“.
„Денеска сме овде ќе ги сплотиме сите наши сили и ќе се бориме до крај, за сите наши другарчиња, за сите наши идоли, за сите наши колеги, родители ќе се бориме до крај. Ова нема да остане неказнето, сите мора да ја добијат својата казна“,
порача Александра Вуканова, ученичка.

Средношколците најавија дека протестите во Штип ќе продолжат и во следните денови.