Новосоздадени манифестации со џез-предзнак го зазедоа местото на традиционалниот „Блуз и соул фестивал“ кој минатата година одбележа 25 години постоење, велат од Дирекцијата за култура и уметност на Град Скопје како реакција на резултатите од годишната програма за проекти од национален интерес на Министерството за култура.
Од Дирекцијата велат дека се разочарани од добиените 546 илјади денари за летната манифестација „Скопско лето“, која трае 40 дена, од 21 јуни до 31 јули. Според нив, веќе долги години по ред, под превезот на објаснувањата од типот за неопходност за децентрализација на културата, во програмите поддржани од Министерството во сосема несразмерен и неадекватен износ се поддржани програми кои значат буквално „позајмување“ на концептот на манифестацијата.
„Сега кога е активна кандидатурата на Скопје за Европски град на културата, ние сме соочени со маргинализирање на најголемата летна манифестација во главниот град. При тоа, компаративноста ни покажува дека за слични манифестации со содржини што често немаат никаква поврзаност со културата (и се нудат пред многу помал број потенцијална публика) е обезбедена далеку поголема поддршка“,
се вели во соопштението на Дирекцијата.
Тие апелираат до Министерството да се задржи на поддршката на општествениот интерес, а не на личните желби.
„Користејќи го законското право, ќе бараме измена во одлуката во корист на нашите докажани и реномирани манифестации по кои светот не’ препознава, а овој допис до медиумите ни се наметна како неопходност да укажеме на итноста од почитување и на традиционалните вредности и континуитетот во работењето во културата“,
се наведува во соопштението на Дирекцијата.