На 7 јануари 2015 година, браќата Шериф и Саид Куаши упаднаа во редакцијата на сатиричниот весник во Париз, каде убија 12 познати новинари и карикатуристи, извикувајќи дека „го одмаздиле пророкот (Мухамед)“
Директорот на редакцијата на францускиот сатиричен неделник „Шарли Ебдо“ Лоран Сорисо, попознат како Рис, денеска изјави дека по девет години од терористичкиот напад на весникот „раните се уште не се залечени“.
„Девет години по нападот на 7 јануари 2015 година, тој сè уште е присутен (во нашите умови). Раните не се лекуваат и навистина нема вистински лек. Порано мислев дека некои работи ќе избледат со текот на времето. Всушност, тоа не е така, сè уште е присутно. Така е и со сите луѓе кои се жртви на тероризам и насилство“,
изјави Рис за Франс Инфо.
Во тој напад врз редакцијата беа убиени 12 лица, вклучувајќи добро познати новинари и карикатуристи. После тоа, во Европа се формираше солидарно движење за слобода на изразување, со собири на кои насобраните носеа транспаренти „Je suis Charlie“ (И јас сум Шарли).

На 7 јануари 2015 година, браќата Шериф и Саид Куаши упаднаа во редакцијата на сатиричниот весник во Париз, каде убија 12 познати новинари и карикатуристи, извикувајќи дека „го одмаздиле пророкот (Мухамед)“.
Претходно весникот, кој нема „влакна на јазикот“ тврдејќи дека „ништо не му е свето“ и дека сè може да биде предмет на сатира, објави карикатура на пророкот Мухамед.
Меѓу жртвите на нападот беа и познатите карикатуристи кои ги носеа прекарите Каби, Волински, Оноре и Тиња, како и поранешниот директор на редакцијата на весникот, Бернард Марис.

Редакцијата на весникот оттогаш е преместена на непозната локација која наликува на, како што велат самите новинари, бункер, со вооружено обезбедување и решетки на прозорците.
Рис денеска за француските медиуми изјави дека борбата против исламистичката идеологија се уште е присутна.
„Борбата против оваа идеологија е предизвик, бара одлучност, потребно е време. Некои луѓе имаат тенденција да прифатат речиси се, поради мрзеливост. Постои самозадоволство“,
рече Рис.
Според него, на политичко ниво „има групи кои традиционално се фасцинирани од радикализмот, како радикализмот да е политичка програма, а всушност е збор што не значи ништо“.
„Постои фасцинација од деструктивно насилство за да се создадат нови политички услови. Тоа е стар трик што постои на крајната лева страна. Постои политичка калкулација, а културолошки, постои фасцинација од политичкото насилство“,
рече Рис.
На 7 јануари 2015 година во Франција започна бран џихадистички напади, без преседан во таа земја, во кои загинаа вкупно 241 лице.
Десет месеци по нападот во јануари, во Париз се случи втор, уште поголем терористички напад, на 13 ноември, кога загинаа 130 лица, а повеќе од 350 луѓе беа повредени.