Премиерот Ковачевски вчера наведе дека за дел од институциите кои имаат долгови за струја има оправдани фактори, додека за другите нема и таму раководните лица ќе бидат повикани на одговорност
По премиерот, денеска и вицепремиерот Фатмир Битиќи порача дека директорите на институциите кои не плаќале сметки за струја ќе бидат повикани на одговорност.
„Имаше состанок вчера, ќе има и денеска состанок на енергетскиот совет во Владата, после седница на Владата. Тоа што го кажаа премиерот и министерот, ќе го повторам и јас: Ќе се повикаат на одговорност сите што се однесувале неодговорно“,
рече Битиќи.
На прашањето дали државата ќе има пари да ги покрие долговите за сите, тој рече дека меѓу приоритетите може да се најде намирување на долговите покрај останатите приоритети како што зачувување на ликвидноста на приватниот сектор, на работните места, грижа за најранливи категории на граѓани, обезбедување на електрична енергија.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, вчера рече дека не трпи директори кои не плаќаат струја. Тој наведе дека за дел од институциите има оправдани фактори, додека за другите нема и таму раководните лица ќе бидат повикани на одговорност.
„Не ми е сфатливо како може со години да не се плати струја тоа е недомаќинско, раскалашено однесување на дел од директорите на тие институции. Кај дел има и објективни фактори, на пример здравствените институции кои беа оптоварени со многу трошоци во текот на корона кризата. Државата ќе мора да ги покрие трошоците на некои клучни институции, другите кај кои не постојат толку објективни причини за неплаќање на сметките ќе бидат повикани на одговорност. Ако ние имаме енергетска криза во текот на две години, а тие имаат неплатени сметки три години, тогаш енергетската криза не влијае. Не трпам директори кои не плаќале струја затоа што сметале дека нивните институции не можат да останат без струја само затоа што се од витално значење“,
изјави вчера Ковачевски.