Останува да се утврдат потеклото и начинот на обезбедување на снимките, како и да се оневозможи каква било примена на вакви активности надвор од законот во иднина, вели директорот на Агенцијата во интервју за МИА, на годишнината од почетокот со работа на новата институција која го зазеде местото на УБК
Една од клучните задачи во периодот пред нас ќе биде финализирање на активностите за просторна дислокација на АНБ во нов објект, како и кадровско доекипирање, континуирана кадровска обнова и соодветна обука за дејствување согласно со високите НАТО-стандарди. Не помалку важно е техничкото доопремување заради успешно спротивставување на современите предизвици и закани во услови на исклучително динамичен техничко-технолошки развој, потенцира директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, во интервју за МИА, по повод една година од работата на АНБ.
При реализација на кадровското доекипирање, наведува, ќе се води сметка и за соодветна и правична етничка и родова припадност, но пред се со почитување на критериумите за стручност и компетентност.
Во интервјуто за МИА, Димовски, говори и за императивот на АНБ – создавање безбедна средина, при што истакнува дека по полноправното членство во НАТО, АНБ стана составен дел и рамноправен партнер на безбедносно разузнавачкиот сегмент на Алијансата.
„Во овој период има(в)ме стабилна безбедносна состојба во земјата“,
вели меѓу другото Димовски.
За „бомбите“, кои се објавуваат и за власта и за опозицијата во текот на предизборната кампања, вели дека анализата на тие материјали покажува дека се работи за документирана комуникација од временски период пред почнувањето со работа на АНБ и дека тие не потекнуваат од примена на институционални мерки.
„Анализата на материјалите покажува дека се работи за документирана комуникација од временски период пред почнувањето со работа на АНБ и дека не потекнуваат од примена на институционални мерки. Сепак, со оглед на местото и улогата на Агенцијата во безбедносниот систем останува да се утврди потеклото и начинот на обезбедување, како и обврската да се оневозможи каква било примена на вакви активности надвор од законот во иднина“,
вели Димовски.
Говори и за потребата од, како што подвлекува, реална потреба од планско инвестирање, и во кадар, и во опрема, и во обуки…, за соработката со странски безбедносни сервиси, пред се од земјите од непосредното и пошироко соседство, за спроведувањето на полиграфското испитување и тест за интегритет и за други прашања поврзани со дејствувањето на АНБ.