МВР има посебна служба за администрирање на пристапот за следењето на комуникации заради кривични истраги, велат од АНБ и додаваат дека тие пак, немаат такво овластување
Не располагаме ниту со опрема за следење на комуникации, ниту со медијациски уреди за активирање на следењето на комуникациите во мрежите на операторите, велат од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) како реакција на денешната изјава на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Од АНБ велат дека Чулев изнел дезинформации во врска со нивното работење и целосно ги отфрлаат како тенденциозни и невистинити.
„Согласно член 35, став (1) од Законот за Оперативно техничката агенција, опремата за следење на комуникации со кои располагала поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање е предадена на Оперативно техничката агенција, на ден 27.10.2018 година, за што е изготвен соодветен записник за примопредавање потпишан од директорите на УБК и Оперативно техничката агенција. Со наведениот записник, во согласност член 35, став (2) од истиот Закон, се предадени и медијациските уреди, сопственост на телекомуникациските оператори, кои до тогаш се наоѓале во МВР односно УБК.“,
се вели во реакцијата.
Тие додаваат дека примопредавањето на опремата е вршено под надзор на Комисија во чиј состав, покрај другите имало претставници на Врховниот суд и парламентарната комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.
„Со тоа Агенцијата за национална безбедност не располага ниту со опрема за следење на комуникации, ниту со медијациски уреди за активирање на следењето на комуникациите во мрежите на операторите. Исто така, Агенцијата нема техничка можност самостојно и независно да активира и да врши следење на комуникации во мрежите на телекомуникациските оператори без посредство на Оперативно техничката агенција“,
велат од АНБ.
Повикувајќи се на членот 2, став (1) од Законот за оперативно техничката агенција, велат дека Агенција е самостоен државен орган којшто овозможува техничка поврзаност помеѓу операторите и органите овластени за следење на комуникациите.
„Министерството за внатрешни работи има посебна служба за администрирање на пристапот за следењето на комуникации заради кривични истраги. АНБ нема пристап до ваквата администрација, ниту може да има увид во тековните предмети на МВР“,
потенцираат од АНБ.
Тие додаваат дека единствено вистинито во изјавата на Чулев е дека поранешната УБК од аспект на техничката опременост го имала монополот над користење на опремата за следење на комуникациите и таа монополска улога масовно ја злоупотребувала.
„Тој период конечно е зад нас, но тоа веројатно е тешко сфатливо за МВР и Чулев кој во тоа време имаше раководна функција во Агенцијата за разузнавање, чии вработени исто така беа сериозно инволвирани во настани кои се денес предмет на актуелни судски постапки“,
велат од АНБ.