Основниот кривичен суд во Скопје одлучи да ѝ го одземе пасошот и други исправи за патување на сега веќе поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова, која е осомничена во истрагата за злоупотреба на парите од оваа институција што ја отвори Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Покрај на Димова, патни исправи денеска се одземени и на осомничениот надворешен соработник во Националната агенција, А. Г.
Двајцата денеска беа повикани во судот да се произнесат за барањето на Обвинителството за определување мерки, по што судија на претходна постапка донел одлука да им ги одземе пасошите.
Покрај оваа мерка, определена им е и обврска за повремено јавување во судот и забрана за вршење на одредени работни дејствија.
Во понеделникот (2 ноември), без пасош остана и сопственикот на Друштвото за трговија и услуги „В.Е.З. трејд“, Зоран Златковски.
Мерките против нив обвинителството ги бараше заради обезбедување нивно присуство и за непречено водење на кривичната постапка.
Покрај тројцата споменати, осомничено е уште едно лице кое било вработено на позицијата благајник во Националната агенција, но за него не се бараа мерки.
Тројцата за кои се определени мерки се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело измама на штета на буџетот на Европската заедница, а Димова дополнително е осомничена и за злоупотреба на службената положба и овластувања.
Четвртото лице, пак, како благајник се товари за несовесно работење во службата.
Работата на Националната агенција и на Димова изминатиот период е во фокусот на јавноста откако се објавија новинарски написи за тоа на какви проекти се делеле пари, меѓу кои и за фирмата „В.Е.З. Трејд“.
Владата побара и разрешување на Димова, кое Управниот одбор на Националната агенција го одобри и ја разреши во петокот.
- Лидија Димова e разрешена од директорската функција
- ВМРО-ДПМНЕ: Барањето оставка од Димова е театар, треба и кривична одговорност
Во меѓувреме, Европската комисија отвори истрага за случајот со наводна злоупотреба на ЕУ-фондовите.
Димова, пак, на прес-конференција ги отфрли сомнежите и обвинувањата и одби да поднесе оставка, истакнувајќи дека ќе остане во оваа агенција сè додека не открие што се случило со 2,2 милиони евра проневерени во времето на поранешното раководство.
