Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, која го води процесот, одлучи кривичната постапка за Гочев да биде одвоена со цел второобвинетиот да може да ја даде изјавата во присуство на бранител
Поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова, денеска во Основниот кривичен суд изјави дека не чувствува вина за делото за кое се товари – злоупотреба на службена положба и овластување и измама на штета на средства на Европската заедница. Вина не чувствува ниту Ана Павлиду, обвинета за „несовесно работење во службата“.
Второобвинетиот Александар Гочев кој се товари за кривично дело измама во случајот со злоупотребата на службената положба и овластување и измама на штета на средства на Европската заедница, пак, призна вина.
Тој на почетокот побара судењето да биде одложено поради отсуство на неговата одбрана и нагласи дека вината не ја негирал ни пред да почне судењето.
Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, која го води процесот, одлучи кривичната постапка за Гочев да биде одвоена со цел второобвинетиот да може да ја даде изјавата во присуство на бранител.
Рочиштето за Гочев ќе се одржи на 21 февруари.
Судското рочиште на 14 ноември 2022 со кое требаше да почне судскиот процес против Димова, се одложи откако првообвинетата не се појави во судницата во скопскиот кривичен суд поради, како што извести нејзината одбрана, болест.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја гони поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова, и уште две лица – еден надворешен соработник и благајничката во Агенцијата во период кога Димова беше директорка за злоупотреба на европски пари.
Според проценките на Обвинителството, штетата се проценува на 19.945.731 денари или околу 320.000 евра.
Димова се товари за две кривини дела: злоупотреба на службената положба и овластувања и измама на штета на средствата на Европската заедница. Надворешниот соработник, како второобвинет, се гони за измама, а благајничката за несовесно работење во служба.
Според Обвинителството, Димова работела спротивно на Законот за јавни набавки и на Законот за основање на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, при склучување на договори со соработници, експерти и обучувачи.