Во интервју за „360 степени“ Ковачевски праша и што правеле на состаноци со Палевски минатата година поранешен претседател на ЛДП и генералниот секретар на Демократски сојуз
Генералниот секретар на партијата Демократски сојуз, Зоран Димитровски вели дека премиерот Димитар Ковачевски во вчерашното интервју за „360 степени“ негира дека се среќавал со првоосомничениот за двојното убиство, Љупчо Палевски-Палчо.

Вели дека премиерот Ковачевски сее политичка магла и дрско лаже дека имал контакти со Палевски.
„Премиерот Димитар Ковачевски во вечерашното интервју за „360 степени“ изјави дека сум сум се среќавал со Палевски минатата година и ме прозва да одговорам што сум разговарал со него. Го повикувам Ковачевски да каже кога и каде сум се среќавал со Палевски и да и предочи на јавноста транскрипт од разговорот ако го има. Во спротивно ќе сметам дека ме помешал со некој истакнат член на СДСМ. Палевски последен пат сум го видел пред 4,5 години, кога се уште се надеваше дека Зоран Заев ќе му даде повторно да ја води градската организација на партијата, како во златните времиња на Црвенковски…“,
напиша Димитровски на својот Фејсбук профил.
Во интервју за „360 степени“ Ковачевски праша и што правеле на состаноци со Палевски минатата година поранешен претседател на ЛДП и генералниот секретар на Демократски сојуз.
На прашање зошто Палевски не е санкциониран иако, во серијата кривични и прекршочни дела, во мај годинава е фатен како носи пиштол за којшто немал дозвола, премиерот вели дека тоа се прашања за истражните и правосудните органи.
Посочи и дека „истата таа група“ правела монтирани видеа на „Тик-ток“ и од неговата малолетна ќерка, а праша и што правеле на состаноци со Палевски минатата година поранешен претседател на ЛДП и генералниот секретар на Демократски сојуз.
Премиерот одбегна да одговори на дополнителните потпрашања дали кога зборува за екс-лидер на ЛДП мисли на актуелниот амбасадор на земјава во Словенија, Горан Милевски, и за тоа кои луѓе оделе на гости во француската амбасада во Скопје.
Генерален секретар на Демократски сојуз, пак, и минатата година и сега е Зоран Димитровски.
Ковачевски: Знаете што ѝ правеа на мојата малолетна ќерка на „Тик-ток“ со монтирање на видеа? Тоа се истите тие луѓе, истата таа група. И затоа кога ги прашуваат кога се гледале – не одговараат. Еве, јас ќе ви додадам. Што правел поранешниот претседател на Либерално-демократска партија на состаноци со Љупчо Палевски? Што правел генералниот секретар на Демократски сојуз на состаноци со Љупчо Палевски, минатата година, што правеле?
360°: Која Либерално-демократска партија?
Ковачевски: Либерално-демократска партија на Македонија. Бившиот претседател, што правел на состаноци со Љупчо Палевски? Еве јас ве прашувам, испитајте.
360°: Чекајте, Жерновски е поранешниот претседател.
Ковачевски: Не е Жерновски бившиот, тоа е бивши пред бившиот. Еве, јас ви поставувам прашање, што правеле?
Инаку, Палевски е првоосомничен во двата засебни, но поврзани случаи на грабнување и убиство – прво на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, а потоа и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје. Тој успеа да ја напушти државата пред органите на прогонот да поведат постапка против него.
Првично, Палчо со неговиот адвокат Васко Стојков заминал за Белград, Србија, а потоа, со друг возач – Стефан Димковски од Струмица, кој е негов пријател, успеал од Србија преку Бугарија да стигне до Турција.
По распишувањето меѓународната потерница, Палевски беше фатен во градот Баликесир во Турција.
Сите се во притвор, освен Палевски, за кого Министерството за правда испрати барање за екстрадиција и наведе дека очекува позитивен одговор од Турција.