Мене ми е срам, јас како граѓанин сум навреден што луѓе од овој сој, кои во секое општество во 21 век се на екстремистичките политички маргини, кај нас денеска се во позиција да трчаат за сериозни политички функции, реагира денеска шефот на дипломатијата Никола Димитров откако портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски му упадна вчера на прес-конференција.
Димитров, кој е носител на листата на СДСМ во првата изборна единица, напиша на Фејсбук дека, со оглед на поларизираноста на општеството, може да биде исклучително опасно ваквото поимање и практикување на политиката, кога, како што вели, битката се гледа низ личен судир и девалвација, кога идејата водилка е провокација на противникот, кога главното остварување е заедничко валкање во калта.
„Вчера многу пријатели ми велат дека само јас сум имал нерви да останам смирен на тоа безобразие. Но токму тоа ме загрижи. Зарем политичкото милје ќе го сведеме на тест за тоа кој има повисок праг на толеранција и почелични нерви!? Не зборувам тука само за тоа што на овој начин кампањата станува шунд и евтин театар на сметка на суштински обраќања до гласачите, туку на опасната порака што се праќа до поддржувачите од сите бои – дека ова „ниво“, што реално може да продуцира политичко насилство, не само што е дозволено туку е и поттикнато директно од партиски функционери“,
напиша Димитров.
Тој вчера имаше прес-конференција пред зградата на Обвинителството на Северна Македонија, по повод почетокот на примената на новиот Закон за јавно обвинителство, кога портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ се обиде да го прекине во изјавата. Стоилковиќ довикуваше дека дека лидерот на СДСМ давал „црни пари за референдумот“, алудирајќи на една од новите „бомби“, за која вчера се огласи и посочениот црногорски бизнисмен Давидовиќ, кој рече дека му исплатил средства на Зоран Милески-Кичеец, кого го ангажирал како консултатнт за проект со мини-хидроцентрали во земјава – во времето кога премиер бил Никола Груевски, а не Заев.