„Рековме ќе влеземе во НАТО – влеговме во НАТО, рековме ќе ги почнуваме преговорите со ЕУ – добивме зелено светло. Еве ја сега и преговарачката рамка во којашто како стартна позиција на чуварот на европските вредности и законодавство, е македонскиот јазик. Тој е иден официјален јазик во ЕУ“, истакна носителот на листа во ИЕ1 од коалицијата „Можеме“, Никола Димитров, вечерва во „Отворено студио“ на Телевизија 24.
На ова му реплицираше носителката на листа во истата изборна единица од коалицијата „За обнова на Македонија“ Гордана Силјановска Давкова, која рече дека преговарачката рамка не значи датум за преговори и со неа не се враќа македонскиот јазик и не станува официјален во ЕУ.
„Таа се концентрира на три моменти, принципи, суштина и процедура. Членките на ЕУ откако ќе ја разгледаат имаат право да укажат и да дадат забелешки… Има фази јазикот да стане официјален. Сега станува збор за легитимирање на јазикот. Кога ќе ги завршиме преговорите прво ниво е договор, второ правна регулатива број 1 од 1958 година, а јазиците стануваат службени кога ќе се прифатат амандмани на правната рамка од 1958 и повторно е потребен консензус. Незнаење и на јазичната политика на ЕУ дека само во Европскиот парламент има јазичен мултилингвизам, дури и во Судот за правдата францускиот е службен, во Европската банка англискиот е службен, значи дури по завршување на преговорите кога ќе се соочиме со регулативата од 1958 година тогаш ќе стане официјален“,
рече Силјановска Давкова.
Димитров го посочи параграфот во рамката во кој се вели „Северна Македонија со време да го преведе европското законодавство на македонски“ и ќе треба да има луѓе преведувачи пред да се зачлени, бидејќи суштината на рамката е полноправно членство во ЕУ.
„ЕК застана на принципот на нашата лична карта на ОН, каде јазикот ни е македонски и во таа смисла потврди дека изразувањето на нашето право на самоопределување и европската интеграција се нужно комплементарни процеси. Бидејќи македонскиот јазик е наша работа и тој апсолвирано прашање и дома и во светот“,
рече Димитров.
На ова Силјановска Давкова одговори дека „нема крај на радоста, по не знам кој пат се радуваме“ и додаде дека има слика на Заев со Димитров, Османи, Анѓушев како ја дочекале веста за датум на преговори.
„Се изморив од прослави, не е време за славење зошто овие избори ќе бидат важен критериум за односот кон нас во рамки на првиот кластер“,
рече Силјановска.