Министерот Никола Димитров спомена повеќе случаи, меѓу кои авионот од Барселона, наши државјани од Копенхаген и 50-ина лица што биле заглавени на српско-хрватската граница
Приоритет ни е да најдеме решение за оние наши граѓани кои се во очајна ситуација и немаат престој во трети држави, кои биле таму поради некаква причина и сакаат да се вратат дома, но сето тоа да не биде на штета на здравјето на македонските граѓани бидејќи и тоа е државен интерес, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Тој на прес-конференцијата во Владата одговараше на прашања во врска со чекорите што ги презема државата за да им помогне на оние македонски граѓани кои поради ригорозните гранични режими се заглавени на гранични премини, аеродроми или во трети земји.
Тука, како посебни, Димитров ги истакна случаите со патници од Барселона, кои со авион се тргнати од Шпанија, но скопскиот аеродром е затворен, при што се бара начин каде тие да слетаат, а потоа да бидат прифатени. Друг случај што го спомена Димитров е оној на наши граѓани во Копенхаген кои успеале да се качат на авион за Солун, за кои ќе биде организиран превоз од грчка граница. Уште еден случај за кој била потребна асистенција од државата е оној на 50 лица кои биле заглавени на српско-хрватската граница и тие како што рече Димитров веројатно веќе се пристигнати во земјава.
„Во моментов Словенија, Хрватска и Австрија се многу проблематични во ова смисла, бидејќи Србија има ригиден граничен режим за несрпски државјани. И затоа сè она што било сосема нормално веќе не е, имаме нова ситуација поради коронавирусот. Работите дневно се менуваат, граничните премини се затвораат за странски државјани, се откажуваат летови, се затвораат аеродроми“,
истакна Димитров додавајќи дека ова не е предизвик со кој се соочува само нашата земја, туку цела Европа.
Тој апелира да се патува во странство, освен од неодложни причини, бидејќи нема никаква гаранција дека тој што патува ќе може да се врати дома.
*Поврзана вест
Од денеска: Секој што сака да излезе од земјава ќе мора да потпише дека 3 месеци нема да се врати