Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, доцна вечерва упати уште еден апел до македонските граѓани да не патуваваат бидејќи состојбата е алармантна и во период од неколку часа постојано се менуваат состојбите со граничните режими.
„Синоќа апелирав да се воздржиме од патувања во странство. Од вчера на пладне до рано утрово, бројот на македонски граѓани кои заминале од земјата е 1 331. Не сакам да навлегувам во мотивите. Можеби сите овие патувања биле нужни. Но, чувствувам должност да предупредам на алармантната состојба насекаде. Имам впечаток како недоволно да е јасна ситуацијата во регионот, во Европа и во светот. Државите спуштаат рампи постојано, се затвораат аеродроми, се менуваат граничните режими, се забранува влез на странски државјани, се менуваат правилата на секои неколку часа“,
предупредува Димитров преку социјалните мрежи.
Тој потсетува дека има граѓани по разни аеродроми, со откажани летови, како и луѓе со возила во колони во Словенија, Австрија, Хрватска бидејќи земјата на дестинација одлучила да дозволи влез само за своите државјани.
Министерот вели дека тие пуштаат дипломатски ноти со лични податоци на граѓаните, но таквите конзуларни барања некаде успеватаат, некаде не.
„Некои конзуларни барања успеваат, некои не. Ние имаме контрола само врз своите, македонските граници. Ние не ги контролираме границите на други држави. Во услови на ваква огромна глобална криза предизвикана од пандемијата на вирусот, со целосна непредвидливост на дневна основа, ние апсолутно не можеме да гарантираме дека ќе можете да си дојдете дома тогаш кога сте планирале. Истовремено, секое патување драстично го зголемува ризикот по здравјето не само за вас и за вашето семејство, туку за целата нација“,
вели Димитров повторувајќи ја пораката да не се патува.