Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за „360 Степени“ ги коментираше идеите за репреговарање и евентуално постигнување нов договор со Грција.
– Не мора да сте директен актер во процесот на преговори со Грција, доволно е да сте стручен набљудувач за да ги видите елементите, да видите колку тешко се стигна до текст, за да видите дека тешко поминува договорот и на двете страни, и во Македонија и во Грција, затоа го нарекуваме ова историски пробив = рече Димитров.
Тој го спомена говорот на генералниот секретар на ОН, Гутереш, пред Генералното собрание на ОН, каде после десетица црни сценарија, како војни, миграциската криза, климатските промени, се осврна и на ветришта на надежта каде го спомена и договорот помеѓу Македонија и Грција.
– Значи, на глобално ниво нема доволно добри вести, затоа е ова историски договор и тешко поминува и кај нив, и кај нас. Факт е дека едно име за севкупна употреба е тежок залак за Македонија. Исто така е факт, како што гледаме од стотиците изјави на грчката опозиција, дека и кај нив е тежок залак правото на самоопределување, што не смее да биде спорно, меѓутоа во политичката реалност беше спорно. Затоа и нема „македонски јазик“ во контекст на односите меѓу Македонија и Европската Унија досега, до овој договор. Неодговорно е после 27 години кога за прв пат имаме решение, да се вели „ама нас овој елемент не ни се допаѓа, ајде ќе отвориме повторно процес“. Истото тоа го вика и грчката опозиција – „ако овој процес не успее заинтересирани сме да го отвориме повторно, заинтересирани сме да нема македонски идентитет и македонски јазик“. И токму затоа одговорноста на тие што ќе одлучат во Собранието на Република Македонија е огромна. Бидејќи последиците од пропуштањето на оваа шанса и одговорноста, ќе ги сносат – рече Димитров.