Според Димитров, во 2019 година во МНР се добиени првите индиции за истрага за постапки на вработени, меѓу кои и за Миленкоски. Иако во тоа време немало информација за потерница, МНР не дозволило овие лица да бидат упатени на служба во странство
Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, вели дека додека ја извршуваше функцијата министер за надворешни работи одбил на дипломатот Миле Миленкоски да му го продолжи мандатот во Мисијата на РСМ при ОБСЕ во Виена.
Според Димитров, Миленкоски бил испратен во Мисијата при ОБСЕ во 2015 година кога со МНР раководи друг министер, а подоцна, барањето за продолжување на мандатот му било одбиено. Димитров вели дека нема информации зошто сега повторно Миленкоски бил упатен на служба во Мисијата во ОБСЕ.
„Во 2019 година во МНР се добиени првите индиции дека ќе се води истрага за постапки на односните вработени, меѓу кои и за овој дипломат. Но, во тоа време немаше никаква информација за потерница и секако немаше пресуда. Сепак, МНР имајќи ја предвид истрагата и токму врз основа на овие индиции, не дозволи овие лица да бидат упатени на служба во странство. МНР за најавената истрага написмено ги информираше безбедносните служби, кои меѓу другото се надлежни и за безбедносни сертификати и проверки“,
пишува Димитров на својот профил на Фејсбук.
Согласно Законот, додава Димитров, на дипломати во МНР не може да им биде поништена дипломатска патна исправа, освен при одземање на безбедносен сертификат што е во надлежност на друга институција, односно престанок на работниот однос.
Димитров вели дека потерницата од Интерпол по Миленкоски е распишана во февруари 2020 година, долг период по враќањето на дипломатот од Виена и за тоа не била доставена информација до МНР во периодот кога Димитров раководи со институцијата.
„Како и зошто сега бил упатен на служба токму тој дипломат и тоа во Мисијата при ОБСЕ, немам информации. Од изнесениве факти, јасно се гледа дека за време на мојата должност во МНР, службите постапиле законски и во рамки на своите надлежности. Меѓу другото, токму јас го имам искористено дискреционото право да не го испратам овој дипломат на служба, имајќи ја предвид неизвесноста околу истрагата“,
пишува Димитров.