НАТО е како координативен центар меѓу барањето и потребите на земјите членки за справувањето со коронавирусот, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.
Тој потсети дека првата помош за земјава во таа смисла пристигнала од Норвешка, механичките респиратори, а денеска попладне во Скопје ќе слета турски авион со помош оттаму.
„Претходно, Унгарија, Словенија, САД, Холандија дадоа помош во здравствениот систем. ЕУ излезе со пакет од 400 милиони евра за Западен Балкан, околу 70 милиони за нашата држава, за економските последици“,
изјави Димитров.
Димитров изрази задоволство затоа што 20 години е дел од патот кон Алијансата, а сега првпат разговарал со останатите 29 колеги, не за македонската кандидатура туку за други светски проблеми. Солидарноста, односно борбата против вирусот ковид-19 е еден од тие глобални проблеми.
Министрите во рамките на НАТО зборувале и за борбата против лажните вести, а Димитров побара будност и внимателност од граѓаните бидејќи во вонредна состојба, како што рече, плодна е почвата за ширење лажни вести.
„Литванија понуди конкретна помош, една од државите кои има искуство при справувањето со лажните вести…не е едноставно справувањето со овој феномен, бара будност и внимателност кај граѓаните, институциите, новинарите. Не се што ќе прочитаме е точно, мора да се препровери, особено во ваква една вонредна состојба кога е плодна почвата за лажни вести. На пример, денот кога САД го ратификуваа Протоколот за Северна Македонија, на социјалните мрежи имаше разни небулози околу 5Г-мрежата, некаков обид да се покрие убава вест“,
посочи министерот.
Тој соопшти дека иницирал заедничко писмо со министрите за надворешни работи од регионот, Западен Балкан да биде изземен од посебниот режим за извоз на заштитни маски и скафандери.
„Никој не знае колку точно ќе трае пандемијата и мислам дека со тек на време ќе се зголеми и солидарноста. Овој вирус не можеме да го стопираме во една држава и така да го прекинеме. Ќе мораме како регион, континент и човештво да си помагаме за да ставиме точка на оваа вонредна состојба. Ги зајакнуваме домашните капацитети за заштитни маски. Ако ги задоволиме нашите потреби, зошто да не помогнеме и надвор“,
изјави министерот.
Билатералните односи со соседна Бугарија, односно развивање на пријателството и оттргнување на сите идентитетски предизвици, ќе бидат последниот процес од затворањето на македонското прашање, смета министерот за надворешни работи. Тој потенцираше дека НАТО и ЕУ се двата големи меѓународни субјекти кои помагаат во тоа.