Во интервју за „360 Степени“, министерот за надворешни работи, Никола Димитров зборуваше за разбирањето во јавноста за тоа што значи терминот „nationality“ кој е еден од клучните елементи за потенцијално решение во преговорите со Грција.
– Денеска во личната карта на Република Македонија како членка на Обединетите нации, кај државјанството се вели „државјанство на поранешна Југословенска Република Македонија“. Таква е формулацијата сега, бидејќи споменав дека во однос на тоа треба да се мерат чекорите напред или назад, взаемните чекори и така натаму. Во таа лична карта на било која земја членка не постои термин „етничка припадност“. Многу се блиски зборовите и многу е лесно „nationality“ од англиски да се претвори и да се преведе погрешно во „националност“ и да се врзе на етничка припадност. Но терминот „националност“ е наследство од поранешна Југославија каде народите од бившите републики имаа националности а овие од автономните покраини имаа народности. Тој тип на терминологија е непреведлив и непознат за западната терминологија којашто доминира во меѓународната комуникација, во терминологијата, во тоа што значат зборовите во таа лична карта на земјите членки. Во таа лична карта постои формалното официјално име на државата, придавката за јазик, придавката за државјанство и кодот, и тие се основните елементи. Никаде нема етничка припадност, во таа смисла – рече Димитров.