За македонскиот вицепремиер ова прашање е погрешно затоа што С Македонија е најдолго во чекалницата, додека еврокомесарот вели дека е добро што земјите членки сакаат да ги почнат првите меѓувладини конференции со двете земји
Нашиот случај е тест дали ние во регионот на Западен Балкан ќе можеме да ѝ веруваме на ЕУ и дали ветувањето за европската перспектива на регионот, дадено во Солун во 2003 година и повторено во Софија во мај 2018, сѐ уште важи. Ние имавме безусловна политичка одлука од март минатата година од сите земји членки дека треба да ги почнеме преговорите за членство, но ова сѐ уште не е реалност, истакна вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на панелот „Остварување на долгоочекуваното ветување“, во рамки на економскиот форум „Делфи“ во Атина, на кој учествуваше и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
За Димитров прашањето за спојување или раздвојување на Северна Македонија и на Албанија на некој начин е погрешно.
„Мислам дека огромно мнозинство од земјите членки се за одржување на две меѓувладини конференции со нас и со Тирана. Ова е заедничка цел, ова е нешто за кое работиме. Двете земји исполнија сѐ што беше наложено, процесот на пристапување треба да се заснова на постигнувања и мислам дека е крајно време да почнат пристапните преговори. Ние сме земја која најдолго чека. Ја потпишавме Спогодбата за стабилизација и асоцијација по Словенија, пред Хрватска, двете земји се членки подолго време, а ние сме земја кандидат 16 години, Албанија шест години и имавме многу негативни преседани во нашата европска сага“,
истакна Димитров.
На прашање на новинарот на панелот дали е можно решение во наредните неколку месеци со Бугарија, што досега македонската Влада има направено и планира да направи за да ги зголеми шансите за договор, и дали решението е само до Софија, Димитров вели дека овој пат влогот е голем.
„Ветувањето е тука и ако ветувањата не се исполнат тоа испраќа многу негативна порака. Најголемиот влог е за нас, бидејќи ние сакаме да го почнеме европскиот пат. Но влогот е голем и за Бугарија и за пријателството меѓу двете земји. Ќе биде природно за нашите соседи, кои се и членки на ЕУ, да имаат најголем интерес од европска С Македонија, од успешна приказна во нивното соседство и сметам дека од оваа перспектива треба да пристапиме и да го ревитализираме ангажманот со Софија“,
рече Димитров.
Според него, иако сега таму има техничка влада, нови избори на 11 јули, но и претседателски избори наесен, како и избори во разни земји членки, не треба да се изгуби моментумот чекајќи.
„Мислам дека после сето ова немаме луксуз да кажеме дека ќе чекаме. Треба да се обидеме да го зграпчиме моментот, да најдеме начин да ги надминеме пречките, и јас ова го гледам како ‘вин-вин’ или ‘луз-луз’ сценарио. Немаме сценарио каде што Бугарија ќе добие, а ние ќе изгубиме. Или и двете сме добитнички или и двете губитнички. И Европската Унија е во истата кошница со нас. Се обидовме со еврокомесарот Вархеји, претходно со германското претседателство, сега е португалското претседателство и сметам дека имаме можност да го вратиме моментумот на европската идеја на Балканот и не смееме да го изгубиме тој моментум“,
истакна Димитров.
Потсети дека земјава досега има многу направено, го реши 25-годишниот спор со Грција, за кој доби и меѓународни и европски признанија, а исто така потпиша и Договор за пријателство со Бугарија.
Еврокомесарот Вархеји, пак, на прашање на новинарот дали смета дека ако нема договор за Скопје и Тирана, барем Албанија треба да почне со преговори, Вархеји одговори дека добра вест е што земјите членки сакаат да ги почнат првите меѓувладини конференции со двете земји.
„Ова е позитивен развој на настаните, што е основа на која сме подготвени да работиме. Сѐ уште имаме неколку седмици пред нас и се надевам дека во јуни ќе имаме договор за двете земји за отпочнување на првата меѓувладина конференција. Но за тоа ќе треба сите земји членки да се согласат. Тоа е таков процес и работиме на тоа да ја обезбедиме поддршката од сите земји членки за двете земји“,
рече Вархеји.
Во однос на неговата изјава за разделување на Скопје и Тирана, Вархеји рече дека тоа е констатација на она што е веќе очигледно.
„Ако не успееме да обезбедиме договор за двете земји, неизбежно е дека ова прашање ќе биде истакнато и ќе треба да дадеме одговор. Во меѓувреме, работиме и правиме напори и за двете земји“,
истакна еврокомесарот Вархеји на форумот „Делфи“ во Атина.
