Мислам дека по искуствата од 2018 и 2019 година, должни сме кон народот да бидеме внимателни и да чекаме да се заврши целосно работата пред да ги упатиме честитките и пораките, изјави шефот на дипломатијата
Претходно, вицепремиерот за европски прашања, повикувајќи се на „информација од претставници на неколку земји членки“, рече дека е постигнат консензус и дека и државите што имале дилеми, дале согласност за отворање преговори со земјава
Шефот на дипломатијата Никола Димитров денеска излезе со многу попретпазлива изјава од вицепремиерот Бујар Османи во врска со можноста земјите членки на ЕУ идната недела да донесат одлука за отворање пристапни преговори со Северна Македонија (и со Албанија).
По утринската изјава на Османи дека „постојаните претставници (амбасадорите) на земјите членки на ЕУ доцна вечерта по полноќ постигнале консензус за започнување преговори со Северна Македонија“ и изјавата на Димитров дека „работата се уште не е завршена“, министерот за надворешни работи на виртуелната прес-конференција со германскиот министер за Европа, Михаел Рот, го доби следното прашање од новинар на „Дојче веле“:
„Постои дискрепанца, Османи рече дека добиваме зелено светло за почеток на пристапни преговори со ЕУ, додека нешто поразлично слушаме од вас и министерот Рот на денешнава прес конференција“.
Димитров: Должни сме да бидеме внимателни пред народот
Димитров одговори дека вечерта имал контакти со Париз, разговарал со канцеларијата на канцеларката Меркел во Берлин, со претседавачот на Советот за општи работи во Загреб, имал контакти и со Холандија, по кои неговата оценка е дека „ситуацијата е многу изгледна, меѓутоа не е докрај завршена работата и се’ уште е во процес“.
„Денеска дебатата на КОРЕПЕР (тело во кое седат амбасадорите на земјите членки) продолжува попладнево и консензусот, работата не е докрај завршена. Има големи изгледи и позитивни сигнали од огромно мнозинство од земјите членки, меѓутоа текстот и дебатата не е докрај завршена и КОРЕПЕР не е тело што носи политички одлуки“,
рече Димитров.
Според него, во моментов се’ уште се води дебата во ЕУ како да се одржи Советот за општи работи.
„Белгија ја ’заклучи’ државата, преведувам буквално од англиски lockdown, вчера или завчера (и мене ми се споени деновите веќе) и многу е тешко кој било од министрите на земјите членки да присуствува во Брисел на 24 март. Правниците на ЕУ разговараат како тоа да се организира, дали можат сите да бидат на видео-врска и се надевам дека ќе се донесе правилна одлука. Мислам дека ЕУ ќе згреши многу ако прати сигнал дека е толку оптоварена со здравствената криза што не може ништо друго да прави. И ќе биде многу важно по толку многу работа и толку многу напор, кога сме на чекор до тој заеднички успех, да се најде начин да се одржи на 24 март тој состанок“
вели Димитров.
Тој додаде дека, за македонската јавност, би повикал на внимателност, особено по искуствата од 2018 и 2019 година.
„Должни сме кон народот да бидеме внимателни и да чекаме да се заврши целосно работата пред да ги упатиме честитките и пораките“,
порача Димитров.
Османи: И земјите што имаа дилема дале согласност
Претходно, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи со многу поголем оптимизам соопшти дека постојаните претставници на земјите-членки на ЕУ постигнале консензус за почеток на преговори со Северна Македонија, со барање за одржување на првата меѓувладина конференција веднаш по одобрување на преговарачката рамка. Тој додаде дека одлуката е безусловна и се очекува денеска да биде потврдена.
„Информацијата ја добив од претставници на неколку земји членки кои рекоа дека е постигнат консензус и дека и земјите кои имале дилеми, дале согласност. За Албанија има некои услови за првата меѓувладина седница. Сепак, одлуката треба и формално да помине на двата состанока“,
рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање дали одлуката е сигурна или може повторно да се очекува некоја промена.
Состанокот на Советот за општи работи на ЕУ на кој треба да се донесе одлуката за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија треба да се одржи на 24 март, а Европскиот совет, кој треба да ги потврди одлуките, заседава на 26 и 27 март.