На прашањето дали во преговорите со Бугарија камен на сопнување ќе биде ликот и делото на Гоце Делчев, Димитров вели дека факт е дека некои историски личности се важни и за двете земји
Договорот за пријателство ги обврзува двете страни и Бугарија и Северна Македонија. Во него има и обврска Бугарија да ни помага на нашиот европски пат и имаме одговорност да постапуваме добрососедски, вели вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, во интервју за Сител.
Тој вели дека со комплетирањето на нашата лична карта во ОН, ниту една земја нема правна основа да отвора прашање околу јазикот, бидејќи тоа е затворено.
„Прашањето е дали предизвикување на идентитетските прашања за кои реално не може да се разговара, за македонскиот јазик, на пример, дали изјави што се проблематични за соседот или навредливи, помагаат во овој процес, дали не прават помали или поголеми. Јазикот не е предмет на политичка декларација. Мене, како Македонец, не може ниту една, вклучително и мојата држава, да ми каже дали сум или не сум Македонец кој зборува македонски јазик. Правото е на самоизјаснување и самопределување, тоа е и европска вредност, но и право утврдено со меѓународното право“,
рече Димитров.
Димитров порача дека историските прашања треба да бидат предмет на разгледување на историчарите, а не на политиката и оти заради тоа била и формирана Комисијата за историски прашања.
На прашањето дали камен на сопнување ќе биде ликот и делото на Гоце Делчев, Димитров вели дека факт е дека некои историски личности се важни и за двете земји.
„Идејата да се формира Комисија во која ќе работат луѓе од науката, беше политиката да не се занимава со овие прашања, а на ова назад да направиме политички контекст, да отвориме поле на кое ќе најдеме точки на допирање, да не се продуцира непријателство туку разбирање. Факт е дека некои од хероите на минатото, како што е Гоце Делчев, се значајни и за македонскиот и за бугарскиот народ. На историчарите е да видат, да го разгледуваат тоа прашање и да најдат начин, ако ништо друго, барем да се научи перспективата на другиот“,
рече Димитров.
Димитров се осврна и на договорот со Грција за кој рече дека ни ги испорача членството во НАТО и зеленото светло за ЕУ.
„Имаме целосен пресврт во односите со Грција. Сега ќе патуваме заедно со премиерот Заев. Отворивме нова страница. Токму денеска грчкиот премиер изјави – „ние имаме некои дилеми, забелешки околу Преспанскиот договор“. Но, тој Договор е ратификуван и треба да се почитува. Убаво би било и кај нас да го заокружиме овој процес. Прашањето е како да ја испишеме новата страница со Грција. Факт е дека овој Договор ни ги испорача членството во НАТО и зеленто светло за ЕУ. Потребни ни се што повеќе конкретни проекти, посебно од областа на економијата и граничните премини за граѓаните од двете страни да видат што носи ова ново пријателство за нас и за соседите. Ќе се обидеме да разговараме за заедничка владина седница. Ова треба да настојуваме да го добиеме со сите наши соседи“,
рече Димитров.
Во однос на Европската унија и подготвеноста на земјава за преговори, Димитров најави засилување на тимот, но истакна и дека Владата и подава рака на опозицијата за соработка на патот кон ЕУ.
Прашан за коментар за најавите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за протест „За ЕУ, за Македонија, за Делчев“, рече дека тоа е само обид да се најде прашање кое што има некаков потенцијал да мобилизира луѓе и да се искористи во дневнополитички интереси.
