НАТО никој веќе не го спомнува оти е завршена работа, сега на ред е ЕУ, а со ВМРО-ДПМНЕ нема да има преговори, вели Никола Димитров носител на листата во првата изборна единица на коалицијата „Можеме“.
Тој, вчера на граѓанската трибина пред Универзална сала рече дека среда како ден за гласање е убав за да се заврши убава работа.
„Ние си имаме многу убава работа за завршување иднава среда. 29 години ќе правиме како независна држава во септември годинава. Од тие, речиси сите зборуваме за ова што треба да го направиме во среда – НАТО никој не спомнува, бидејќи ја завршивме таа работа. Сега, на ред е ЕУ. Сограѓани, да не се лажаме. Од другата страна, со ВМРО-ДПМНЕ нема да има пристапни преговори со Европската Унија. Нема да го фатиме возот за којшто не знаеме дали пак ќе застанува“,
рече Димитров.
Тој ги повика граѓаните да излезат на 15 јули и да дадат помалку простор на теговите што влечат надолу.
„Овие луѓе што главата не ја дигнале и не можат да видат дека земјата не само што се исправи од срамот што ни го оставија, туку си влезе во НАТО и е на еден чекор да почне пристапни преговори со ЕУ. Јас сум носител на листата ‘Можеме’, предводена од партијата СДСМ. И ние сме за денес и за утре. А тие се за вчера. Нема друга политичка опција, денес, во нашата Македонија – официјално Северна Македонија – што сака и е одлучена, и е доволно храбра и доволно знае да оди напред“,
рече Димитров.