Шефот на дипломатијата соопшти дека Северна Македонија ќе добие 69 милиони од Унијата за надминување на последиците од коронавирусот
Северна Македонија ќе добие 69 милиони евра од ЕУ за справување со состојбата со коронавирусот, соопшти министерот за надворешни работи Никола Димитров, во емисијата „Топ-тема“ на Телма. Тој појасни дека три милиони се директна буџетска поддршка, 50 милиони се за економско опоравување, четири милиони за најитни медицински потреби во борбата со коронавирусот, а 12 милиони за поддршка на малите и средни претпријатија.
Димитров оцени дека ова е, исто така, важна порака во смисла на солидарност од ЕУ, која денеска даде препорака за почеток на преговори со Северна Македонија.
Одлуката за почеток на преговори што ја донесе денеска Советот, ја оцени како „сериозна добра вест“.
„Сега ние не можеме да ја примиме како што треба таа вест, бидејќи имаме поголема грижа, меѓутоа ќе се справиме и со неа. Ова е еден процес што ни гарантира европска иднина и конечно да се натпреваруваме со другите држави во реформските процеси“,
изјави Димитров.
Тој истакна дека очекува годинава да почнат преговорите со ЕУ.
„Ние оваа одлука ја заслуживме и минатата година. И во јуни 2019 и во октомври 2019 година. Јас мислам дека е чесно да се очекува ние да почнеме оваа година пристапни преговори со првата меѓувладина конференција. Ако успее ЕК тоа да го направи во јуни, веднаш потоа ќе ги почнеме преговорите. Меѓутоа, непредвидливоста со коронавирусот влијае и кај нас и во ЕУ. Сепак, најважно е дека големата барикада е зад нас и дека ние се пробивме“,
истакна Димитров