ЗНАМ во власта влезе со јасна цел – да биде реформатор, но и коректор кога ќе биде потребно и оти ќе ги бранат принципите на коишто стојат, истакна првиот човек на ЗНАМ Максим Димитриевски на денешната трибина во Тетово
Во своето обраќање тој нагласи дека определбата на Движењето е да биде носител на промени и да придонесе кон создавање држава со ред, систем и еднакви можности за сите граѓани.
„Не влеговме во политиката за да бидеме продолжена рака на некого, туку за да изградиме политички субјект кој ќе се бори за држава со ред, систем и одговорност. Европска Македонија е Македонија во која граѓаните имаат доверба во институциите, младите гледаат иднина дома, а одлуките се носат според принципи, а не според интереси. ЗНАМ не е проект на еден човек, туку движење на луѓе кои веруваат дека Македонија може и мора да биде подобра држава“, истакна Димитриевски.
Тој порача дека учеството на ЗНАМ во власта е водено од одговорноста да се спроведуваат реформи, но и да се укажува секогаш кога е потребно, со цел заштита на државните интереси и принципите на кои почива движењето.
Како што соопштија од партијата, во рамки на панел-дискусијата, генералниот секретар на Движењето ЗНАМ и министер за јавна администрација, Горан Минчев, ги претставил реформските процеси во јавната администрација и досегашните активности за изградба на професионални и функционални институции.
Потпретседателот на Движењето ЗНАМ и министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, пак, се осврнал на мерките за поддршка на земјоделците, развојот на домашното производство и рамномерниот регионален развој, како основа за посилна и поконкурентна македонска економија.
