Во ребалансот е испланирано да се исплати сѐ она што е согласно закон и законски измени. Предвидени се средства и за доспеаните обврски, коишто иако биле доспеани, не биле воопшто евидентирани во ЕСПЕО системот на Министерството за финансии, рече министерката Димитриеска-Кочоска во гостување на МРТ 1
Со ребалансот на Буџетот успеавме да направиме напори за да обезбедиме пари за сите обврски кои се согласни со закон, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во Централниот дневник на МРТ 1. Со измените, вели таа, се предвидени средства за доспеание обврски кои не биле евидентирани во ЕСПЕО-системот.
„При тоа даваме приоритет на сервисирањето на она што е сигурно за плаќање согласно закон. На дел од доспеаните обврски се прави ревизија по што ќе се направат исплати согласно утврдените анализи. Во фаза сме кога може да трошиме толку колку што ќе наплатиме со цел да не креираме дополнителен буџетски дефицит, којшто е веќе зголемен за 181 милион евра“,
кажа Димитриеска-Кочоска.
Според неа, врз буџетот се прави голем притисок од исплатата на гаранциите, т.е кредити за одредени јавни претпријатија кои не се во состојба да ги вратат кои влијаат и на реализацијата на инвестициите.
„Станува збор за сериозна тежина којашто се прави врз Буџетот од исплатата на гаранциите, затоа што поради корупција и криминал некои претпријатија се уништени и сето тоа паѓа на товар на државата. И наместо да обезбедиме 100 милиони евра за инвестиции во здравство, образование и слично, ние враќаме гаранции, односно кредити на јавните претпријатија коишто не се во состојба да ги вратат“,
кажа министерката.
Димитриеска-Кочоска во гостувањето се осврна и на најавеното линеарно зголемување кое треба да се направи во две фази, како и за билатерниот заем на половина милион евра од Унгарија, за кој кажа дека нена да направи дополнителен притисок врз буџетот, оти овој износ бил веќе предвиден од претходната власт.
„Она што го правиме ние е обезбедување поевтини пари. Односно доколку отидевме со изддавање еврообврзница ќе добиевме средства со камата од над 6%, а овој заем е со камата од 3,25%“,
рече Димитриеска-Кочоска.