„Тоа што е законска материја, ние го разгледуваме, надоместоците не се дел од законската материја“, изјави денеска ресорната министерка одговарајќи на новинарско прашање во врска со повикот на гувернерот на Народната банка за јавна дебата и евентуални законски измени за ограничување на одредени банкарски надоместоци
Повикот на гувернерот на Народната банка доаѓа откако четири банки во земјава во изминатите денови најавија зголемување на надоместоците за услугите во платниот промет, што предизвика реакции во јавноста и отвори прашања за потребата од дополнителна заштита на корисниците на овие услуги
Надоместоците не се законска материја ниту, пак, некогаш биле – вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во врска со повикот на гувернерот на Народната банка Трајко Славески за разгледување на можни законски измени со кои на Народната банка би ѝ се овозможиле механизми за поголема заштита на корисниците на платежните услуги и за ограничување на одредени банкарски надоместоци.

Својот став во врска со иницијативата на гувернерот на Народната банка, Димитриеска-Кочоска го кажа одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата. Имено, таа беше прашана дали Министерството за финансии ја разгледува таквата можност, имајќи предвид дека законските решенија од оваа сфера се во надлежност на Министерството со кое раководи.
Ресорната министерка беше мошне куса во одговорот и наведе дека надоместоците што ги наплаќаат банките за извршени услуги не се законска материја.
„Надоместоците не се законска материја, така што немам што повеќе да додадам. Тоа што е законска материја, ние го разгледуваме, надоместоците не се дел од законската материја“,
рече Димитриеска-Кочоска.
На дополнителна забелешка на новинарката дека тоа значи дека Финансии немаат основа да го менуваат законот, Димитриеска Кочовска го повтори истиот одговор.
„Надоместоците не се дел од законска материја ниту, пак, некогаш биле“,
рече таа.
Инаку, повикот на гувернерот на Народната банка доаѓа откако четири банки во земјава во изминатите денови најавија зголемување на надоместоците за услугите во платниот промет. Ова предизвика реакции во јавноста и отвори прашања за потребата од дополнителна заштита на корисниците на овие услуги.
Својот повик Славески го упати преку објава на социјална платформа Икс, во која вели дека платниот промет е услуга што граѓаните и компаниите секојдневно ја користат и поради тоа прашањето за висината на надоместоците заслужува поширока јавна и институционална дебата.
Тој посочува дека Народната банка во моментов нема законска надлежност директно да ги регулира надоместоците што ги наплаќаат банките, но оценува дека актуелните случувања ја наметнуваат потребата од преиспитување на постојната законска рамка.
„Потребно е да се разгледаат можностите за дополнување на законската рамка по примерот на повеќе европски земји во кои постојат механизми за заштита на корисниците и обезбедување фер и предвидливи услови за користење на платежните услуги“,
вели гувернерот.
Како што наведува тој, во голем број европски држави веќе постојат механизми за регулирање или ограничување на одредени надоместоци, а тие искуства можат да послужат како добра основа за јавна дебата и во земјава.
