Доколку власта е убедена дека има двотретинско мнозинство нека свика седница за уставни измени, но ако го нема, премиерот Ковачевски да поднесе оставка и да свика предвремени парламентарни избори, изјави потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Претседателот Мицкоски беше многу јасен, а тоа е власта веднаш да свика Собрание и ако се убедени дека ќе имаат двотретинско мнозинство, кое го немаат, тука сме убедени затоа што ние имаме пратеници кои се чесни и кои си ја сакаат државата и имаат интегритет. Тие пратеници никогаш нема да гласаат за уставните измени,“
истакна Димитриеска-Кочоска.
Таа потенцира дека како што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски , кажал дека веднаш ќе си поднесе оставка ако се случи тоа, така и премиерот Ковачевски да си поднесе оставка ако нема уставни измени и да се оди на избори.
Вчера Мицкоски кажа дека ако било кој пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата гласа за уставните измени, тој ќе замине од политиката.
„Јас верувам во секој еден пратеник од партијата и од коалицијата и ако се случи такво нешто, трајно ќе заминам од политиката. Еве, денеска одам чекор понатаму со порака до Владата на ДУИ и СДСМ – веднаш кога парламентот ќе се врати од годишен одмор, прва точка на првата седница да биде предлогот за измена на Уставот. Ако соберат 80 пратеници, јас следниот ден ќе го исполнам ветувањето. Ако нема, да одиме на предвремени парламентарни избори“,
рече Мицкоски.