Комисијата мора да постапува се додека не се најде правен начин за изборите и официјално да бидат одложени или откажани
Државната изборна комисија (ДИК) заседаваше и денеска откако партиските лидери на средбата кај претседателот Стево Пендаровски постигнаа пилитичка согласност за одложување на парламентарните избори, ама не најдоа правен модалитети како да се реализира тоа.
ДИК, како што истакнаа оттаму, ќе продолжи со работа се додека не биде донесена друга одлука во врска со предвремените парламентарни избори. Повеќето членови на ДИК на денешната седница беа со ракавици на рацете, како заштита од коронавирусот.

ДИК на денешната седница ги потврди кандидатските листи за изборите на ДУИ и на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Тие доставија листи со по 123 кандидати за шестте изборни единици во земјава и за дијаспората. Сепак, и да имаше избори на 12 април, ден претходно немаше да има гласање во дијаспората. ДИК утврдила дека од вкупно 7 535 пријавени македонски државјани во ДКП-ата, 6 096 ги исполнуваат условите за гласање во странство. Одбиени се 1 439 пријави. За да се организираат избори во дијаспората потребно е да има 6 540 валидни пријави, колку што на последните избори освоил пратеникот избран со најмал количник.
Претседателот на ДИК појасни дека законски секој што сака да гласа, пријавата треба да ја испрати од лична електронска пошта, а не како што имало сега случаи по 180-200 пријави да се испраќаат од една адреса.
Бидејќи изборите не се се уште формално одложени, ДИК, како што нагласи членот Јанаке Витановски, ќе мора да одлучува се додека не биде донесена друга одлука. Така, членовите на Комисијата денеска донесоа одлука и за опис на избирачките места. До донесување на одлуката за одложување на изборите, ДИК ќе одлучува и се очекува да ги потврди и другите кандидатски листи, имајќи ги предвид роковите кога се доставени.
Претходно, во вилата „Водно“ се одржа лидерска средба на која едногласно беше донесена одлука за одложување на изборите поради коронавирусот, но тоа треба правно да се дефинира. За таа цел, попладневно претседателот Стево Пендаровски, заедно со премиерот Оливер Спасовски и претседателот на Собранието Талат Џафери, има консултации со експерти по уставно право.