Претходно на прес-конференција претседателот на ДИК соопшти податоци од обработени 3 134 избирачки места од вкупно 3 480 поради што излезеноста што тој ја соопшти беше 11 отсто
Одѕивот на гласачите до 11:00 часот според податоците на Државната изборна комисија кои се објавуваат на страницата rezultati.sec.mk е 15, 33 отсто, односно до 11 часот на 3 297 гласачки места, своето гласачко право го искористиле 278 075.
Сепак, процентот на излезеност и бројот на оние кои гласале постојано се менува, како што пристигнуваат и се обработуваат во ДИК.
Оттаму и разликата во бројките кои на прес-конференцијата во 11:30 часот ги соопшти претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, односно дека излезеноста до 11 часот е 11%.
Како што кажа Деркоски до тој момент биле обработени податоците од 3 134 избирачки места од вкупно 3 480, во сите шест изборни единици до 11 часот излегле 199 495 граѓани.
Според тие податоци што ги соопшти Деркоски, одѕивот во ИЕ 1 изнесува 13,7 %, во втората изборна единица 9,64% во ИЕ 3 е 13,08 %, во изборната единица четири одѕивот на гласачите е 13,46 %, во петтата изборна единица одѕивот е 10,55% и во шестата изборна единица 6,04 %.
Од скопските општини висока излезеност е забележана во Аеродром и Карпош и тоа над 17% и во Кисела Вода 16%.