Пратениците денеска се вратија во салата, по паузата поради одржувањето на локалните избори. Но на почетокот на седницата само беше констатирано престанување на мандатите на пратениците кои на локалните избори беа избрани за градоначалници во општините во кои тие конкурираа, а потоа претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата, додека не ги добијат списоците од ДИК, по што треба да продолжи седницата
Државната изборна комисија денеска им ги издаде уверенијата на шесте нови пратеници во Собранието на Република Северна Македонија кои треба да ги заменат пратениците кои беа избрани за градоначалници на завршените локални избори.
Откако Собранието го констатира престанокот на мандатот на досегашните пратеници, ДИК со допис ги информирал следните од листите кандидати за пратеници, кои, пак, во законски рок ја известиле Комисијата дека го прифаќаат мандатот за пратеник за остатокот од мандатот.
Така на местото на Тимчо Муцунски, кој е избран за нов градоначалник на Општина Аеродром доаѓа Тони Јаревски, на местото на Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ кој стана градоначалник на Општина Бутел доаѓа Зоран Коцевски, а на местото на новиот градоначалник на Штип Иван Јорданов ќе седне Драган Ковачки.
Костадин Костадинов, кој е нов градоначалник на Струмица, во собраниските клупи ќе биде заменет од Љубица Спасева, Кирил Пецаков, кој стана градоначалник на Охрид од Грација Бакраческа, а Билал Касами, кој на локалните избори беше избран градоначалник на Тетово, ќе биде заменет од Драгољуб Филиповски.
Собранието денеска на пленарна седница треба да ги верификува мандатите на новите пратеници.
Пратениците денеска се вратија во салата, по паузата поради одржувањето на локалните избори. Но на почетокот на седницата само беше констатирано престанување на мандатите на пратениците кои на локалните избори беа избрани за градоначалници во општините во кои тие конкурираа, а потоа претседателот на Собранието, Талат Џафери ја прекина седницата, додека не ги добијат списоците од ДИК, по што треба да продолжи седницата.