Во однос на измените на Изборниот законик, кои се однесуваат на тоа во Избирачкиот список да бидат впишани сите граѓани што наполниле 18 години заклучно со денот на изборите (24 април за претседателски избори и 8 мај за парламентарни избори) и кои имаат живеалиште на територијата на државата, од ДИК нагласија дека оние што ќе наполнат 18 години помеѓу двата круга на претседателските избори нема да можат да гласаат на вториот круг од претседателските избори. Тие на 8 мај ќе бидат впишани само во Избирачкиот список за парламентарните избори
Според досегашниот број пријави, најверојатно, во дијаспората ќе има гласање само за претседателските избори. Се чекаат насоки од МНР за тоа дали ќе се одржи гласање во Израел (од безбедносни причини) и во Руската Федерација (од политички причини). Во Русија досега се пријавиле девет лица за гласање, а во Израел само едно лице
Измените на двата члена од Изборниот законик, кои предвидуваат промена на квотата на граѓански потписи потребни за учество на независните кандидати на парламентарните и на локалните избори, се дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР, нагласија денеска на брифинг со новинарите од Државната изборна комисија со цел, како што рекоа, да нема забуни во јавноста и негодувања.
Во препораките на ОБСЕ/ОДИХР се наведува дека треба да се размисли за стандардизирање на потребниот број потписи до еден процент од вкупниот број регистрирани гласачи, согласно меѓународната пракса.
„За да се обезбедат еднакви можности во правото за кандидирање на сите кандидати, потребниот број потписи за поддршка на независните кандидати треба да биде пропорционален на реалниот број запишани избирачи по изборна единица. Треба да се размисли за стандардизирање на потребниот број на потписи до еден процент од регистрираните гласачи, во согласност со меѓународната пракса“,
се наведува, меѓу другото, во финалниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР од локалните избори 2021 година.
Со измените во Изборниот законик кои на 7 март беа усвоени во Собранието со широко мнозинство се менува бројот на потписи што независните кандидатски листи треба да ги соберат за учество на парламентарните избори. Досега бројот беше линеарен, како што посочија од ДИК, беа потребни 1 000 потписи. Сега тој дел се менува во пропорционален и изнесува најмалку еден отсто потписи од вкупниот број запишани избирачи во изборната единица каде што се кандидираат.
Овие измени ќе почнат да се применуваат од следните (локални) избори 2025 година, односно тие нема да важат за претстојните парламентарни избори, потенцираа од ДИК.
Од Комисијата се осврнаа и на измените со кои им се овозможува на граѓаните да гласаат со лични карти и пасоши чија важност истекла до девет месеци пред изборите. Ова е преодна одредба и важи само за овие избори.
Согласно ваквите измени, на парламентарните избори може да гласаат граѓани чии документи истекле во периодот од 8 август 2023 до 8 мај 2024 година, а на претседателските избори ќе може да гласаат граѓаните чии документи истекле во периодот од 24 јули 2023 година до 24 април 2024 година, појаснија од ДИК.
Избирачкиот список, посочија ДИК, ќе се заклучи најдоцна до 2 април 2024 година. Во однос на измените на Изборниот законик кои се однесуваат на тоа во Избирачкиот список да бидат впишани сите граѓани кои наполниле 18 години заклучно со денот на изборите (24 април за претседателски избори и 8 мај за парламентарни избори) и кои имаат живеалиште на територијата на државата, од ДИК нагласија дека оние што ќе наполнат 18 години помеѓу двата круга на претседателските избори, нема да можат да гласаат на вториот круг од претседателските избори. Тие на 8 мај ќе бидат впишани само во Избирачкиот список за парламентарните избори. Такви лица се 1 086 според податоците добиени од МВР. Оние што наполниле 18 години до денот на изборите ќе бидат ставени во Избирачкиот список, но на денот на изборите ќе можат да гласаат само ако прикажат документ за идентификација. Ако некое лице е во Избирачки список, не значи дека ќе може да гласа без документ, објаснија од ДИК.
Што се однесува до предвремената кампања на партиите, од ДИК објаснија дека активностите кои ги прават партиите се секојдневни активности насочени кон граѓаните и дека не постојат законски ограничувања на истите. Откако ќе бидат официјално потврдени кандидатските листи на партиите, до денот на официјалното почнување на кампањата, партиите во тој период не смеат да трошат наменски средства за финансирање на кампањата. Изречно се наведува дека во овие денови партиите можат да организираат само еден јавен настап кој нема да биде санкциониран.
Во однос на изборниот молк, од ДИК јасно посочија дека кога ќе настапи молкот за претседателските избори, продолжува да тече кампањата за парламентарните избори. Што се однесува до медиумското известување и платените политички реклами, како што рекоа од ДИК, последниот збор ќе го има АВМУ.
Претседателски избори во дијаспората ќе се одржат само ако има пријавено најмалку 10 лица за гласање во соодветното дипломатско-конзуларното претставништво (ДКП) на државата. Ова оттаму што претседателот се избира според мнозинскиот систем и што целата територија на државата и сите континенти каде што има наши државјани се една изборна единица. Во однос на парламентарните избори, пратеници се избираат според пропорционалниот модел и во изборна единица во странство и тука има уште еден услов како своевиден цензус. За да бие избран пратеник од седмата изборна единица треба да освои најмалку онолкав број на гласови колку што освоил пратеник со најмал број на гласови на територијата на државата на последните парламентарни избори. За овие избори овој број е 5 355 лица, односно толку лица треба да бидат регистрирани во сите 52 ДКП за да може да бидат пред се организирани вакви избори. Исто така најмалку 5 355 гласачи треба да гласаат за еден кандидат за тој да биде избран.
Досега во дијаспората се пријавиле 1436 лица за гласање од кои 1077 пријави се прифатени, 158 се во тек на проверка а околу 200 се одбиени. Од дијаспората ќе може да гласаат лицата кои имаат валиден личен документ со регистрирана адреса во Македонија. Тоа е условот бидејќи, како што посочија од ДИК, има многу во дијаспората со македонски пасош на пример, но со адреса каде што работат или живеат. Според досегашниот број на пријави, најверојатно во дијаспората ќе има гласање само за претседателските избори. Се чекаат насоки од МНР за тоа дали ќе се одржи гласање во Израел (од безбедносни причини) и во Руската федерација (од политички причини). Во Русија досега се пријавиле девет лица за гласање, а во Израел само едно лице.