Вкупно 723 лица го искористиле правото на глас во рамки на денешното гласање на лица заболени од ковид-19 и во самоизолација, објави вечерва Државната изборна комисија.
Претседателот на ДИК Оливер Деркоски рече дека било утврдено дека треба да гласаат 759 лица, а разликата што се јавува во бројките кои ги соопштиле претходно е поради што прифатиле одредени приговори од граѓани.
„Благодарност до медиумите и вистинската порака која што је пренесовте до граѓаните дека ДИК и државата обезбедија целосно сигурно гласање на сите наши граѓани кои беа во оваа категорија на гласачи, а со тоа можам да кажам дека ДИК си ја заврши својата задача и за останатите два дена за гласање кога ги повикувам сите наши граѓани да излезат и гласаат, и да не се грижат за своето здравје затоа што на гласачките места ќе бидат максимално безбедни“,
изјави Деркоски.
Од денешното и утрешното гласање ДИК не објавува резултати, туку само бројка на излезност.
„Ливчињата остануваат запечатени во пликоата, кои се наоѓаат во гласачките кутии. Така ќе биде и на утрешното гласање. Тајноста е загарантирана и не постои начин да се отворат овие ливчиња, ниту да се провери кој за кого гласал. Сите овие ливчиња остануваат затворени со останатите ливчиња од гласањето на 15 јули и тие нема да се отвораат се до завршување на гласањето“,
изјави Борис Кондарко, член на ДИК.
Утре гласаат болните и немоќните чиј број изнесува 8 852, лицата во 13 Казнено-поправни установи – 1 657 и шест внатрешнораселени лица. Во 17 старски домови правото на глас ќе можат да го остварат 357 гласачи.
Според Избирачкиот список, право на глас на овие избори имаат еден милион 814 илјади и 263 граѓани.